Македонскиот филм „Преекспонирано“ по сценарио и режија на Елеонора Венинова од 27 април ќе се најде во македонските кина. Продуцентската куќа ДНФ што стои зад филмот го објави официјалниот трејлер за филмот, кој остава многу неодговорени прашања.
Светската премиера на филмот „Преекспонирано“ се случи на А фестивал во официјална конкуренција на Меѓународниот филмски фестивал во Каиро, во ноември, минатата година. Азиската премиера, пак, се одржа на Меѓународниот филмски фестивал во Пуне, Индија во периодот од 2 до 9 февруари оваа година.
„Преекспонирано“ завчера се прикажа и на новиот филмски фестивал Еуразја во Варшава, Полска, а ќе се натпреварува и на фестивалот „КинЕст Фест“ во Катанија, Сицилија.
Улогите ги толкуваат: Камка Тоциновски, Благој Веселинов, Сара Климоска, Марјан Наумов. Кинематографер е Лев Предан Коварски, музикате е на Линдзи Рајт, сценографија – Срѓан Митровиќ, монтажер: Гоце Кралевски, костими: Жаклина Крстевска, монтажер за звук: Дарко Спасовски, продуцент Гоце Кралевски (ДНФ ФИЛМС), ко-продуцент Мирјана Томиќ (ЛИЛИТ-Србија). Филмот е поддржан од Агенција за Филм, Српски Филмски Центар и Еуримаж.





