Kнигата на италијански и на македонски јазик „Изреченото нѐ прогонува“ на Никола Маџиров беше промовирана вчера во рамките на престижниот Литературен фестивал во Венеција Inroci di Civilta. Издавач на делото кое содржи избор од неговото поетско творештво, е „Крочети едиторе“. Изреченото нѐ прогонува“ е дел од поетската едиција на овој издавач, заедно со поезијата на Волт Витман. Во рамките на овој фестивал почесен гостин е Ханиф Курејши.

Италијанските списанија за култура и литература „Ил Манифесто“ и „Пангеа“ објавија интервјуа со Никола Маџиров. Во истата едиција се објавени и книгите на венцоносците од „Струшките вечери на поезијата“ – Јехуда Амихај, Јанис Рицос, Керол Ен Дафи, Махмуд Дарвиш и добитниците на Нобеловата награда – Томас Транстромер, Јон Фосе, Одисеас Елитис, Сен-Џон Перс, како и избори од поезијата на Рилке, Бодлер, Кавафис, Томас Бернхард, Ен Карсон, Дилан Томас, Сеферис, Емили Дикинсон, Борис Пастернак и др.
Книгата ќе биде претставена и на неколку други фестивали и универзитети во Италија и во Швајцарија во текот на оваа година. Никола Маџиров е најмладиот современ странски автор објавен во поетската едиција на „Крочети Едиторе“, а книгата „Изреченото нѐ прогонува“ е двојазично издание и содржи песни на италијански и македонски јазик.
Насловна фотографија: Фестивал Инкрочи ди чивилта





