Поетскиот перформанс „Војна“ на Козмин Перца од Романија во „Буква“

Во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје вечерва во 20.30 часот, Козмин Перца ќе го одржи поетскиот перформанс „Војна“. Претходно Никола Маџиров и Владимир Мартиновски ќе го претстават авторот и неговото творештво. По перформансот ќе се одржи разговор со публиката што ќе го води Роберт Алаѓозовски. Поетскиот перформанс ќе биде изведен на англиски и на романски јазик со употреба на мултимедијални средства: музика, говор на телото и видео фрагменти од претходни изведби на Перца.

Тој престојува на резиденција во Скопје, во организација на издавачката куќа „Готен“, поддржана од европската мрежа за превод и книги „Традуки“. Тој е претставник на Романскиот ПЕН-центар во Балканскиот ПЕН книжевен круг, во чии рамки е активен и Македонскиот ПЕН/центар.

Козмин Перца (Марамуреш, Романија, 1982) е поет, романописец, драматург и есеист. Дипломирал на Факултетот за книжевност на Универзитетот Бабеш-Бољаи во Клуж. Магистрирал современа литература на Универзитетот во Букурешт, а докторирал со теза за фантастичната литература. Неговите дела се преведени на 18 јазици, а во 2012 година е избран за најдобар млад романски прозаист. Во романскиот и странскиот печат има повеќе од петстотини рецензии и референци за делото на Перца. Во последните десет години, тој е награден со некои од најпрестижните романски книжевни награди. Неговите романи се преведени на српски, хрватски и арапски јазик, а има и антологии на поезија преведени на француски и шпански јазик. Перца моментално работи како хонорарен уредник и професор по компаративна книжевност на Универзитетот Хиперион во Букурешт. Учествувал на голем број книжевни фестивали во светот, меѓу кои и на СВП.

***

Војна

„Војната никогаш не го оставила Балканот недопрен. Ако не можеме да се
спротивставиме на војната, треба барем да се справиме со неа.

Војната никогаш не завршува. Војната е во нас и насекаде околу нас. Војна што не
ја чувствувате и војна што е далеку од вас. Војна што е за другите. Но, што би било
да ја чувствувате како своја? Војната секогаш се враќа. Војната е само збор, но има
толкава разорна моќ. Ајде да употребиме други зборови за да ја разбереме војната
и да се разбереме себеси. Ајде да склучиме воен мир.

Војната не е далеку и не е туѓа, војната е тука и му се случува со нашиот вид
секојдневно. Војната е спротивност на љубовта, но сепак е дел од другоста. Во
двата случаи, војна или љубов, мора да се предадете на другите. Но, едниот случај
е исполнет со насилство, додека другиот е да бидеме ние, да бидеме присутни и
да се потрудиме да зборуваме против насилната војна и целиот живот што таа толку полнозначно го завршува.“

Сподели