Поетскиот филм „Летна соната за мојот град“ награден на фестивал во Лос Анџелес

Поетскиот филм „Летна соната за мојот град“ во режија на Марија Шаклева, според песна на Андреј Ал-Асади ја доби наградата за најдобра режија на Поетскиот филмски фестивал во Лос Анџелес (International Poetry Film Festival ‒ Los Angeles) во САД. Со тоа влезе во најтесниот избор од седум наративни филмови во конкуренција на филмови од целиот свет. Музиката на композиторот Јован Јовановски беше издвоена и помеѓу десетте филма со оригинална музика за филм.

– Исклучителен филм чиишто пораки се пренесуваат и преку стихови, и преку уметничка слика. Содејството помеѓу уметностите е клучна! Како за филм што трае помалку од две минути, содржи сè што се бара во раскажувањето приказни преку друга уметност, во случајов, базиран на песна. Филмот успеа да го задржи вниманието на публиката и со стиховите и со визуелното. Беше особено вешто режиран“ – се вели во образложението за наградата.

Снимател на „Летна соната за мојот град“ е Илија Жоговски. Уметничката слика што како мотив се појавува во филмот е дело на сликарот Владимир Илиевски. Продуцент на филмот е Јулијана Величковска, а режисерката Сандра Ѓоргиева беше стручен консултант. Филмот е дел од „Стиховно мапирање на Скопје“, проект на „ПНВ Публикации“, поддржан од Град Скопје, и за првпат беше прикажан лани во септември 2022 во рамки на „Скопскиот поетски фестивал“.

Филмот беше избран и во специјалната селекција „Светско огледало на поезијата“ на интернационалниот турингиски филмски фестивал „Поетри филм таге“ (Poetry Film Tage) во Вајмар, Германија што ќе се одржи на 19 и 20 мај.

Сподели