Поетска ноќ во Велестово со гости од Хрватска, Азербејџан, Бугарија, Романија, Ирска и од кај нас

На 37. Поетска ноќ во Велестово што ќе започне од утревечер до 17 август, ќе настапат 16 поети, музичари и уметници од вкупно од шест држави (Ирска, Азербејџан, Хрватска, Романија, Бугарија и Македонија). Програмата ќе започне со поетскиот портрет на Андреј Ал-Асади, едно од водечките имиња во македонската современа поезија, по што ќе следува интернационалното поетско читање „Имаго“, на кое ќе настапат поетите од странство.

Истата вечер, од 22:30 часот, во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ ќе биде отворена и изложбата „Непредвидливи соочувања“ на академскиот сликар Стефан Младеновски. Следните два дена ќе се одржат и две книжевни промоции на стихозбирки од Мирослав Кирин од Хрватска и на Фарид Хусеин од Азербејџан, како и две интернационални поетски читања, едното во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во с. Велестово и завршното поетско читање ќе се одржи в недела, на 17 август, во кафе и бар „Шила“ во Охрид, на кои, покрај споменатите поети, ќе настапат и Рошин Кели од Ирска, Рената Јамбрешиќ Кирин од Хрватска, Поли Муканова од Бугарија, Анисија Ангел од Романија, како и домашните поети: Лулзим Хазири, Ивана Јовановска, Марија Ангеловска, Емануела Ковачевска Китановска, Маја Мојсова, Павлина Атанасова и Стефан Костоски.

Во програмата е предвиден и кус музички концерт на Игор Климовски (соло хармоника), како и организирано разгледување на културно-историското наследство на Охрид и природните убавини на Националниот парк „Галичица“.
Имено, бидејќи од повеќе од 200 видови пеперуги во Македонија, дури 166 живеат во Националниот парк „Галичица“, постерот за годинешното издание е посветен на пеперугите на Галичица. Да се потрудиме заедно да ги заштитиме и уште долго да уживаме во нивната убавина. Автор на постерот е Андреј Павлов.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам, од Општина Охрид и од Комерцијална банка АД Скопје, гостувањето на поетесата од Ирска е помогнато од Литературниот центар Мунстер од Корк и Советот за уметност на Ирска, а гостувањето на поетите од Хрватска е поддржано од Хрватското друштво на писатели и е дел од книжевната размена меѓу Поетска ноќ во Велестово и „Стихот во регионот“ (“Stih u regiji”), Загреб.

Повеќе за програмата на следниот ЛИНК.

Сподели