Поетска ноќ во Велестово – 33 години негување на македонскиот јазик и култура

Манифестацијата ќе биде отворена вечерва во 21 часот во селото Велестово, Охрид, со настап на гитаристот Мартин Милески. Ова издание е посветено на поезијата на Ристо Лазаров

Пишува: Александра Јуруковска

Поетска ноќ во Велестово веќе е во четвртата деценија од своето постоење. Чувствуваме голема одговорност и почит кон поетите и другите учесници што настапиле низ годините. Без оглед на околностите, секогаш ќе изнајдеме начин да ја одржиме оваа традиција и да ги негуваме македонската култура и македонскиот јазик, вели Јулијана Величковска, уметнички директор на фестивалот.
33. Поетска ноќ во Велестово ќе биде отворена вечерва во 21 часот во селото Велестово, Охрид, со настап на гитаристот Мартин Милески. Ова издание е посветено на поезијата на Ристо Лазаров. За неговото дело ќе беседи проф. д-р Димитар Пандев, а стиховите ќе ги интерпретира актерот Јован Цветкоски. Ќе биде поставена и ликовна изложба „Татко и син Упевче (мозаици и цркви)“. Водител на програмата ќе биде Марина Димовска. Специјални гости на настанот ќе бидат семинаристите што учествуваат на актуелната 54. Летна школа на Mеѓународниот семинар за македонски јазик, литeратура и култура.

Ристо Лазаров

Поетската манифестација втора се организира во услови на пандемија. Величковска вели дека тоа ги отежнува нештата, не толку организациски, колку што негативно влијае на дружењето, што е еден од клучните аспекти на овој фестивал.
– Со години, со ретки исклучоци, работиме со микробуџети и навикнати сме да се прилагодуваме кон секакви ситуации и во кризни моменти да испорачаме квалитетна програма што трае и до три дена, и настаните секогаш се одлично посетени. Годинава, пандемијата повторно го попречи госувањето на поетесите од Исланд ‒ Сигурбјорг Трастардотир и Кристин Омарсдотир, а во последен момент беше откажано и гостувањето на Марам ал-Масри од Париз. Но, имаме одлични домашни поети и поети од регионот, па програмата ќе претрпи сосем мали измени – објаснува Величковска.

Годинава потретот му е посветен на Ристо Лазаров. Досега поетски портрети им биле посветени на: Гане Тодоровски, Анте Поповски, Петре М. Андреевски, Матеја Матевски, Јован Котески, Богомил Ѓузел, Радован Павловски, Катица Ќулавкова, Владимир Мартиновски, Никола Маџиров и многу други. Примарен критериум во изборот на поетот е квалитетот и актуелноста.

Јулијана Величковска

– Годинава овие два критериума се споија во случајот на Ристо Лазаров. Тој ја објави својата 34. стихозбирка „Лилјаци“, која за кусо време беше препеана на српски, а се подготвува и препевот на чешки јазик. Будно ја следиме домашната продукција и се трудиме поетот што го претставуваме на манифестацијата да биде докажан, неговото поетско творештво да има оставено (и да остава) траен белег во македонската литература, но важна е и актуелноста во мигот. Редовно се состануваме, разговараме на овие теми и обично одлуката ја донесуваме една година пред одржувањето на манифестацијата. Понекогаш имаме претстава и за повеќе изданија во иднина. За јубилејните изданија, пак, се трудиме да бидат тематски посветени на одредена генерација во македонската поезија и учествуваат позначајните претставници – вели Величковска.

Сигурбјорг Трастардотир

Слични критериуми важат и при изборот на странските учесници. Предвид се зема и фактот што години наназад манифестацијата е непрепознаена од Министерството за култура.
– Од таму добиваме по едвај 15 отсто од планираниот буџет, па при изборот на странските поети понекогаш пресудно е и тоа дали се работи за поети што доаѓаат од земји што умеат да си ја негуваат културата и да си ги поддржуваат авторите, обезбедувајќи им патни трошоци за да можат да допатуваат до фестивалите на кои се поканети. Нешто што кај нас, за жал, не функционира. Се трудиме и гостите од странство да се и поети со скорешно објавена стихозбирка во препев на македонски јазик, како што овојпат е случај со Сигурбјорг Трастардотир од Исланд и поетесата Надија Реброња од Србија. Со радост сакаме овие стихозбирки да ги промовираме годинава – вели Величковска.

Надија Реброња

Сподели