Поети од Бугарија, Словенија, Турција, Македонија од вечерва на 5. Скопски поетски фестивал

Под мотото „Од ритам до алгоритам“, со претставување на поетите гости, вечерва во 20 часот во киното „Фросина“ во Скопје ќе биде отворено 5. издание на Скопскиот поетски фестивал. Ќе учествуваат: Аксинија Михајлова (Бугарија), Алеш Штегер (Словенија), Нихат Оздал (Турција), Весна Ацевска, Никола Маџиров, Шаип Емерлаху, Гордана Михаилова Бошнакоска. На официјалното отворање, половина час претходно во галеријата на МКЦ ќе биде отворена изложба на парфеми дизајнирани од Нихат Оздал (Турција)
Ако зборовите имаа свој мирис, како ќе мирисаше мракот, осаменоста, далечината… Ако ни беа дадени мириси наместо пенкало и хартија, како ли ќе пишувавме поезија со нив? Оваа изложба го истражува токму тоа прашање.

Во 18.30 часот во киното „Фросина“ ќе се организира перформанс, ритуал „Над небото, под земјата“  на кој ќе настапат Алеш Штегер и музичарот Јуре Тори (хармоника) од Словенија со кој ќе ја промовираат стихозбирката „Над небото, под земјата“ од Алеш Штеґер, препеана од словенечки на македонски од Драгана Евтимова, издание на „Перун Артис“, Битола.

Во 21.30 часот во киното „Фросина“ ќе следува проектот „Поетроника“, суптилен и културолошки значаен проект настанат како резултат на интензивната соработка на двајца исклучително квалитетни мултимедијални уметници, Оливер Митковски и Андреја Салпе, што вешто спојува иновативен начин на интерпретација на македонска поезија со извонредна, автентична и авангардна музика.

Петтото издание на Скопскиот поетски фестивал ќе трае до 26 април на неколку локации во Скопје. Ќе гостуваат поети од пет држави, а ќе настапат и 30-ина домашни поети.

Мотото на годинешниот фестивал е „Од ритам до алгоритам“ („Поезијата е ритам ‒ од срцата в гради до пулсот на градот. / Јазикот е алгоритам ‒ со кодови го храни за смислата гладот“). Со ова мото сакаме да го одбележиме нашиот мал јубилеј ‒ 5 години СПФ, но и да го поврземе со големиот јубилеј 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик. Автор на постерот е Андреј Павлов.

Годинешното издание на фестивалот го овозможија Министерството за култура и Традуки, а негови помагатели се Младинскиот културен центар ‒ Скопје, кафе-книжарницата „Буквa“, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ‒ Скопје, „ПНВ Публикации“ и хотел „Цара 1928“.

Сподели