Кампањата веќе има собрано повеќе од 40% од потребните средства и како што се зголемува бројот на поддржувачи, така продукцијата на филмот во режија на Меглен Анжиќ Трпков прераснува во доказ за моќта на раскажувањето да ги премости културите и да го осветли се’ она што е човечко во нашите индивидуални потраги за припадност.
Инспириран од безвременската народна приказна „Силјан Штркот“ на Марко Цепенков, новиот македонско-холандски филм на режисерот Меглен Анжиќ Трпков со наслов „Мртов корен“ (Dead Roots) претставува бајковито истражување на идентитетот и припадноста. Мотивиран од сопственото животно искуство како македонски режисер што живее во Холандија, Анжиќ Трпков со овој претстоен дипломски филм, ќе навлезе длабоко во темите за оттуѓеноста и потрагата по домот.
Приказната на „Мртов корен“ го следи Силјан, млад писател кој дознава дека е посвоен. Откровение кое го носи во потрага да ги спознае своите корени, враќајќи го во Македонија, неговото родно место. Оваа современа визуализација од народната приказна на Цепенков, каде што еден млад човек се претвора во штрк и се бори со својот двоен идентитет, ги спојува елементите на македонскиот фолклор, шекспировата трагедија и модерните кинематографски техники за да создаде живописен и извонреден внатрешен свет на главниот лик.

– Сакам подлабоко да го истражам чувството да се биде меѓу два света. Откако живеев во Македонија и сега во Холандија, ја доживеав осаменоста да не припаѓам целосно на ниту едно од тие две места. „Мртов корен“ е мојот обид да го артикулирам ова патување низ универзалниот јазик на филмот – вели младиот режисер.
Во моментов, екипата на овој филмски проект бара финансиска поддршка преку интернет кампања за краудфандинг на платформата Voordekunst за да ја отпочне продукцијата. Планот е да се снимаат делови од филмот во Македонија и во Холандија за автентично да се долови патувањето на главниот лик низ различни пејзажи и култури. Кампањата ги поканува сите љубители на филмската уметност да придонесат во реализацијата на „Мртов корен“, нудејќи им шанса да бидат дел од филмското истражување за комплексноста на идентитетот. Донациите може да се направат директно преку платформата Voordekunst, со можности за поддржувачите да добијат ексклузивни награди поврзани со продукцијата и објавувањето на филмот.
– За да го направиме филмот што е можно поавтентичен, потребни ни се ресурси за транспорт, угостителство, костими, камери и друга неопходна опрема за целосно да ги изградиме двата света на Силјан – се вели во апелот на кампањата.
„Мртов корен“ е подготвен да биде повеќе од само филм; проектот има за цел да биде искрен одраз на човечкото искуство на потрага по идентитет и припадност. Преку својот уникатен спој на фолклорот и современото раскажување приказни, проектот се надева дека ќе им понуди утеха и поврзување на оние кои го почувствувале длабокото влијание на раселувањето и чезнеењето за огништето.
Кампањата веќе има собрано повеќе од 40% од потребните средства и како што се зголемува бројот на поддржувачи, така продукцијата на филмот прераснува во доказ за моќта на раскажувањето да ги премости културите и да го осветли се она што е човечко во нашите индивидуални потраги за припадност.
За повеќе информации за тоа како да ја поддржите продукцијата на „Мртов корен“, посетете ја страницата на кампањата на Voordekunst на следниот линк.





