Почина Цане Андреевски, поет и писател за деца, автор на „Разговори со Конески“

На 94 години утрово во Скопје почина Цане Андреевски, поет, раскажувач и писател за деца. Роден е на 10 јули 1930 година во Кратово. Учителска школа и Филозофски факултет завршува во Скопје. Како помлад новинар учествува во уредување на списанија за деца и на весникот „Млад борец“, но најголемиот дел од својот работен век, сè до пензионирањето, го поминува во Радио Скопје, каде долги години е уредник на Културната редакција и заменик директор. Бил член на редакцијата на списанието „Разгледи“. Член на ДПМ од 1957 година. Добитник е на наградите: „Кочо Рацин“ и „РТВ Скопје“ на Струшките вечери на поезијата, како и на „Книжевен жезол“ во 2016 година.

Андреевски ќе биде запаметен како „поетот на добрината“.

Ги објави следните книги:

Сончева порака (поезија за деца, 1951)
Јаготки (раскази за деца, 1955)
Добрина (поезија, 1956)
Што има ново (поезија за деца, 1959)
Свечености (поезија, 1964)
Сребрен поток (поезија, 1969)
Планета со петел (поезија за деца, 1976)
Македонска љубовна лирика (антологија, 1979)
Врски (поезија, 1982)
Нашите први учители (повест за деца, 1982)
Остануваме на Ножот (повест за деца, 1984)
Шинато уво (поезија за деца, 1989)
Дарби (приказни за деца, 1990)
Разговори со Конески (разговори, 1991)
Белата мечка, синиот кит и другите (поезија и проза за деца, 1998)

Во 2020 година, „Матица македонска“ објави ново издание на книгата „Разговори со Конески“, кои авторот ги водел од 1985 до 1990 година.

– На страниците од ова дело големиот македонски поет и кодификатор на македонскиот литературен јазик говори за суштествени теми од нашата национална и книжевна традиција, како и за современите процеси во втората половина на 20 век. Според Цане Андреевски, овие разговори со Конески, една од меѓните културно-национални личности на современата македонска историја, во еден следствен опфат нудат извонредни страници на откривање, на провокација, на естетска наслада, на љубопитна реценција, на мноштво лични опсервации и сведоштва кои што веќе и во историска смисла се неопходни како приопштување и како дополна на огромниот книжевен, научен и животен опит на самиот Конески.

Погребот ќе биде извршен на Градските гробишта Бутел в понеделник од 10 часот.

Сподели