Почина актерот Марин Бабиќ

По кратко и тешко боледување, на 74-годишна возраст синоќа почина актерот Марин Бабиќ (1947 – 2022). Бабиќ целиот свој работен век од 1971 година го помина во Драмскиот театар во Скопје. Ќе остане запаметен по бројните и значајни улоги не само во својата матична куќа, туку и во други театри и проекти.

Позначајни улоги има во претставите: Болен Дојчин, Лиза, Лиза, Свадба, Учени жени, Собирен центар, Бура, Вообразениот болен, Злостори на срцето, Најголемиот подвиг на витезот Сукало, Ивона кнегиња бургундска, Солунски патрдии; Рибарски караници, Косанчиќев венец бр. 7, Хаос зад кулиси, Викенд на мртовци, Ноќ спроти Водици, Зојкиниот стан, Смртта на Дантон, Стапица, Сказна за времето, Сили во воздухот, Самоубиец, Балконот, Не сега драга…, Прости дарови, Амадеус, Дедо Мраз и Феферона, Заводникот од западниот свет, Словенскиот ковчег, Платонов, Ферхад и Ширин, Демонот од Дебар Маало.

Марин Бабиќ е роден на 24 октомври 1947 година во Белград. Дипломирал на Театарската академија во Софија. Неговата актерска кариера ја одбележаа и бројни филмски и ТВ улоги: Бушава Азбука, Наши години, Оловна бригада, Јад, Нели ти реков, Доротеј, Јужна патека, Тетовирани души, Претежно ведро, Училиште за кловнови, Збогум на 20 век и многу други.

Во културната колективна меморија засекогаш ќе остане неговиот Јашар Бег во театарската претстава „Солунски патрдии“, но и по репликата која стана урбана фраза на многу луѓе – „Ово нема ни у Београду“, од претставата „Викенд на мртовци“.

Повозрасните генерации се сеќаваат на неговата култна Ноќна програма на Радио Скопје, кога со неговиот извонреден глас влегуваше во домовите на слушателите и беше нивниот „пријател во ноќта“. Радиокариерата ја заокружи со популарната радиоемисија за готвење во некогашниот Радио „Равел“.

Бабиќ беше идеен творец на култната манифестација „Глумците пеат“ и по поетскиот серијал „Бебули“ и неговите маестрални интерпретации на современата поезија.

Погребот ќе биде извршен на новите градски гробишта во Прилеп на 18 октомври.

Насловна фотографија: Јутјуб/Б со Точка

Сподели