Подготвиле: Весна Ивановска-Илиевска и Сребра Ѓорѓијевска
Гимназијата „Орце Николов“ и средните медицински училишта во Скопје и во Битола веќе неколку години се под притисок од петкаши – на конкурсите се пријавуваат повеќе ученици со просек 5.00 од предвидените места
Првпат по неколку години во скопската гимназија „Орце Николов“ има втор уписен рок, а во првиот се запишаа дури девет ученика со помал просек од 5.00. Во средното медицинско „Панче Караѓозов“ вчера квалификационен испит полагаа 132 ученици за 102 места за насоката медицинска сестра на албански наставен јазик. Квалификациски тестирања вчера се одржаа и во средните уметнички училишта.
Во првиот уписен рок се пријавиле вкупно 16.884, а се запишале 12.866 ученици, соопшти Министерството за образование и наука. Според видот на образованието, во првото пријавување 4.651 ученик е запишан во гимназиско, а 7.353 во стручно образование, 226 ученици во Спортска академија, а 136 во спортска гимназија.

Фото: СУГС „Орце Николов“
Гимназијата „Орце Николов“ и средните медицински училишта во Скопје и во Битола веќе неколку години се под притисок од петкаши. На конкурсите се пријавуваат повеќе ученици со просек 5.00 од предвидените места. Во такви случаи конкурсот предвидува спроведување на квалификациони испити. Но, под притисок на родителите кои одржуваа средби со министрите за образование и наука, најчесто се наоѓаше место за сите скроз одлични ученици кои беа распределувани во постоечките паралелки. Тоа секоја година отвораше дебати и меѓу родителите и меѓу наставниците – дали се етички постапките, зошто се прогледува низ прсти, како прекумерниот број ученици влијае на квалитетот на наставата, дали за сметка на една четворка на ученик во основното образование му се оневозможува да биде првенец на генерација во средно?!
Митко Димовски: Не сум сигурен дека сите беа спремни за тестирање
Од вкупно 285 места, во „Орце Николов“ годинава се запишаа 264 ученици во прва година. Од нив 255 се со просек 5.00. Митко Димовски, директор на гиманзијата вели дека по 4-5 години има втор уписен рок.
– Пред почетокот на уписите најавив дека ќе се полагаат квалификациони испити ако се повтори ситуацијата од последните години. Можеби тоа влијаеше да попушти притисокот. Дополнително, последната година наставата се одвиваше онлајн и не сум сигурен дека сите беа спремни за тестирање. Така се запишаа и ученици со понекоја четворка. Можеби токму меѓу нив има брилијантни деца. Не се сомневам дека останатите места ќе се пополнат во вториот уписен рок – вели Димовски.

Од вчерашните квалификациони испити во „Панче Караѓозов“
Во „Панче Караѓозов“ во првиот уписен рок се поднесени 712 пријави, а запишани се вкупно 623 ученици. Остануваат остануваат 23 слободни места за насоката забен техничар на македонски, и физиотерапевтски техничар на албански наставен јазик.
– Вчера се одржаа и квалификационите испити за насоката медицинска сестра на албански наставен јазик. Иако годинава имаше стотина помалку пријавени за разлика од лани, кај нас секогаш има силна конкуренција. Најголем број од кандидатите се со просек 5.00, односно имаат максимални 75 бода од успех. Дури и нема пријави под 70 бода – објаснува Маја Салиу, директорка на „Панче Караѓозов“.
„Михајло Пупин“ со рекордни повеќе од 900 ученици
Според Димитар Ѓорѓиев, директор на Средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“, и оваа година како и изминатите две, има пораст на ученици за упис во прва година. Во првиот уписен рок се пријавиле 220 ученици од кои рекорден број во Компјутерска техника и автоматика каде примаат 136 ученици, а се пријавиле 160.
– Тоа е рекорд на нашето училиште досега. Сите одбиени ученици ќе бидат префрлени, односно запишани во другите профили кои ги нудиме. Во учебната 2018/2019 година кога бев поставен за директор стартувавме со 618 ученици. Во 2021/2022 ќе стартуваме со повеќе од 900 ученици. Тоа нè прави конкурентни на најдобрите гимназии – вели Георгиев.

Во втриот уписен рок сè уште има место во профилите Електроника и телекомуникации, Енергетика, ЕВН паралелката и Електромеханичар.
– Ги повикуваме сите ученици што не се запишани или се одбиени во другите училишта да дојдат во нашето училиште и да бидат дел од нашиот тим – вели Ѓорѓиев.
16.673 слободни места во вториот уписен рок
Второто пријавување и запишување на учениците ќе се врши утре и задутре од 7 до 19 часот, и на 25 јуни од 7 до 15 часот, кога ќе бидат објавени и ранг листите. Квалификационото тестирање за второто пријавување ќе се одржи на 26 јуни. Во вториот уписен рок има слободни места за 16.673 ученици од кои, 10.857 за настава на македонски, 5.128 за албански, 658 за турски и 30 места за настава на српски наставен јазик.
МОН веќе една година спроведува интензивни камшањи за промоција на средното стручно образование, за кое интересот во изминатата деценија беше значително опаднат. МОН соопшти дека уписната политика за прв пат е креирана преку интензивна соработка помеѓу министерството, локалните самоуправи и бизнис заедницата во земјава. Со конкурсот годинава се отворени 97 дуални паралелки со зголемен обем на практична обука за 2.001 ученик. Од нив, 11 паралелки се од веќе постоечки програми, а дури 86 паралелки се резултат на нови соработки помеѓу училишта и компании кои изразиле подготвеност да примаат ученици на практична обука директно на работно место.
Насловна фотографија: СУГС „Орце Николов“





