Во Музејот на град Скопје вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Сите деца на Родољуб Анастасов“ со која ќе биде одбележан 90. роденден на познатиот уметник. Ви го пренесуваме обраќањето од неговиот студент Славчо Ј. Соколовски, еден од 42. уметници што се дел од изложбата
Почитуван професоре Анастасов, среќен и благословен 90. роденден. Дозволете ми да ја искористам оваа прилика да ви испратам роденденски честитки со желби за добро здравје и мирен, среќен и креативен живот исполнет со задоволство во светот на уметноста и сликарството што го создававте и градевте со децении и каде што успеавте „Во потрага по изгубениот простор“ да ја пронајдете и изградите вашата совршена „Зен градина“. И ние, вашите деца-ученици, расеани низ светот, сме во постари години и пред пензионирање, но секогаш со задоволство ќе се сеќаваме на вашата големина, посветеност и елоквентност како наш драг учител, соговорник, пријател и заштитник. Вашата големина како педагог и наш професор се истакна и по тоа што сите студенти ги третиравте и почитувавте подеднакво и работевте и разговаравте со сите индивидуално и педагошки јасно и темелно. Се залагавте секој од нас да добие еднакви можности за учење и знаење и дека сите заедно треба да напредуваме во постигнување заеднички и квалитетни резултати на завршните годишни изложби.
Ја изразуваме нашата бескрајна почит и благодарност за целото ваше непроценливо искуство и знаење што ги споделивте со нас и успеавте на најубав можен начин да ни ја пренесете вашата магична љубов кон уметничката професија. Со вас научивме како да гледаме, размислуваме, анализираме и планираме и како да бидеме љубопитни и упорни. Научивме дека само со работа може да се стекне самодисциплина и самодоверба, а вие ни бевте пример како се гради и одржува репутација. Ни помогна да се подготвиме за самостоен живот и ни го покажавте патот по кој сега сите успешно чекориме, на ист начин како што правеше вашата професорка Љубица – Цуца Сокиќ додека бевте студент на белградската Академија за ликовни уметности. Со колкава носталгија и љубов ни зборувавте за студентските денови во Белград и ни раскажувавте за вашата професорка и нејзината прекрасна природа како уметник и личност. Вашите исклучително интересни предавања секогаш покриваа најразновидни и најкомплексни теми од областа на уметноста, филозофијата, филмот, музиката или литературата и ќе останат засекогаш врежани во нашите сеќавања. Зборувавме за најобичните секојдневни теми од општествениот живот и егзистенција и за она што нè засега како млади.
Вашиот 90. роденден со оваа изложба повторно нè обедини сите заедно и е убав повод да се потсетиме на нашата младост и нашите соученици и вашите ученици кои за жал повеќе не се меѓу нас. Да бидеме целосно искрени и да се потсетиме дека бевме млади, луди и љубопитни и дека за жал многумина од нас се бореа со емоционални проблеми и се бореа со зависност. Не бевме лоши деца, но не бевме ниту ангели. Сигурно е дека понекогаш бевте лути и незадоволни со нас, бидејќи не секогаш успевавме доволно успешно да се концентрираме и навреме да ги завршиме зададените задачи, затоа што младоста во нас си го направи своето, а цената моравме да ја платиме со поинтензивен живот, лудување и многу непроспиени ноќи. Но, за љубов кон вистината, секогаш бевте урамнотежено строг и праведен кон нас и секогаш наоѓавте разбирање и толеранција во срцето токму како родител-заштитник на вашите деца-ученици. Смирено би запалиле цигара и би продолжиле да зборувате елоквентно и со возвишеност, воздржана страст и љубов да не запознавате со Модиљани, Моранди, Тапи, Бури и енформелот во светот и кај нас.
На многу начини нè задолживте сите доживотно, вашата публика и целиот уметнички естаблишмент во градот и државата, а особено Музејот на град Скопје, кој е храм на вашата уметност и децениско уметничко творештво. Вие лично ми ја доверивте довербата и честа да бидам ваш прв асистент на Педагошкиот оддел. Вечерва, драг професоре, сите заедно го славиме вашиот 90. роденден. Прославување на вашиот живот, име и дело и наздравување за вашето здравје и во името на уметноста и музата што ве штити. Ви посакуваме уште многу години заедно да го прославувате вашиот роденден.
Во ваше здравје, срдечно и со почит од вашиот ученик Славчо Ј. Соколовски, Кембриџ, Масачусетс / Среда, 05.02.2025.





