„Она што се памети живее“, или „Никогаш докрај раскажани приказни“ е насловена збирката автобиографски раскази што беше промовирана во Друштвото на писателите на Македонија. Како промотори, со Катерина Богоева разговараа Адем Абдулаху, Јелена Лужина, Снежана Младеновска-Анѓелков, Александар Кујунџиски, Диме Ратајкоски, Огнена Никуљски и Гордана Михаилова-Бошнакоска, кои споделија сеќавања за Абдилазис Иславми, Јадранка Владова, Благоја Иванов, Блаже Конески, Данило Коцевски, Коле Чашуле и Михаил Ренџов, но и за други свои колеги писатели и уметници на кои со радост и со уважување се сеќаваме.

Пред присутните свој настап имаа гудачки квартет од Факултетот за музичка уметност од Скопје (Бојана Митковска и Марија Ристовска на виолина, Виктор Манев на виола и Сара Илиевска на виолончело), како и Петар Ренџов, кој на гитара изведе една од композициите од неговиот албум „Темјаника“.

„Она што се памети живее“ („Никогаш докрај раскажани приказни“) е првиот наслов од едицијата „Амаркорд“, која е продолжение на рубриката „Амаркорд“ во „Стожер“ на ДПМ, и која чествува во прво лице раскажани спомени од животите на поранешни членови на Друштвото на писателите на Македонија.
Освен во Скопје, се планира книгата да има свои промоции и низ други градови низ Македонија, на кои ќе учествуваат други од застапените автори.






