Петмина преведувачи со изданија објавени од три издавачки куќи и преводи направени од пет различни јазици, влегоа на најтесната листа на наградата „Драги“, што ја организира издавачката куќа „Антолог“ од Скопје. По големиот интерес на конкурсот, жири-комисијата ги издвои следните преведувачи: Анастасија Ѓурчинова за преводот од италијански јазик на „Пет куси романи и неколку раскази“ од Наталија Гинзбург (Артконект), Златко Панзов за преводот од унгарски јазик на „Заробеништво“ од Ѓерѓ Шпиро (Артконект), Иван Шопов за преводот од хрватски јазик на „На работ од паметот“ од Мирослав Крлежа (Бегемот), Љубица Арсовска за преводот од англиски јазик на „Елизабет Финч“ од Џулијан Барнс (Артконект) и Никола Ѓелинчески за преводот од шпански јазик на „Претпесни на постшпански и други песни“ од Хорхенрике Адум (Алеф публикации).
Наградата „Драги“ ќе биде врачена на 2 октомври во 14 часот, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

Анастасија Ѓурчинова (1963) е есеистка, преведувачка и универзитетска професорка. Работи како професорка по италијанска книжевност на Катедрата за италијански јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Нејзини полиња на интерес се: италијанистката, компаратистиката, македонистиката, преведувачките студии и транскултурните студии. Објавила неколку монографии, приредила повеќе зборници и составила две антологии. Преведува од италијански на македонски јазик. За својата преведувачка работа двапати ја добила наградата „Златно перо“. Добитничка е на два ордена од претседателот на Италија.

Златко Панзов (1979) дипломирал на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности со македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Магистрирал на Институтот за македонска литература, Скопје. Докторанд е на Докторската школа за книжевност при Универзитетот „ЕЛТЕ“ во Будимпешта, Унгарија. Работи како Лектор по македонски јазик на Институтот за славистика и балтичка филологија, Универзитет „ЕЛТЕ“. Од 2005 година активно се занимава со книжевен превод. Досега, самостојно или заедно со Анамарија Цинеге-Панзова, објавил над триесет преводи од унгарски јазик. Од 2019 ја организира манифестацијата „Денови на македонска култура во Будимпешта“. Живее во Унгарија.

Иван Шопов (1987) е македонски писател и преведувач. Дипломирал на Катедрата на општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Автор е на книги раскази, песни во проза, сатирични текстови. Пишува и поезија и хаику. Расказите и песните му се преведени на англиски, романски, чешки, српски, хрватски, германски, словенечки и на бугарски јазик. Заедно со Владимир Лукаш, во 2019 го основа мобилниот културен центар КЦ 750. Работел како уредник во издавачка куќа. Преведува од хрватски, српски, бугарски и од англиски јазик.

Љубица Арсовска (1950) е книжевен преведувач. Главен уредник е на списанието „Културен живот“. Преведува од англиски на македонски и обратно. Досега од англиски ги преведувала Џулијан Барнс, Тони Морисон, Сузан Сонтаг, Арундати Рој, Ијан Мекјуан, Харолд Пинтер, Тенеси Вилијамс и други, а од македонски на англиски Лидија Димковска, Лилјана Дирјан, Ристо Лазаров, Томислав Османли. Таа е еден од основачите на Здружението на преведувачи на Република Македонија (ЗПРМ).

Никола Ѓелинчески (1988) е преведувач од англиски и шпански јазик на македонски и обратно. Бил наградуван на конкурсот за најдобар млад преведувач „Вавилон“ организиран од Здружението на преведувачи и толкувачи на Македонија (ЗПРМ) и Делегацијата на Европската Унија. Активен член е на ЗПРМ. Уредил бројни изданија и извршил лектура и јазична редакција на голем број дела. Покрај објавените книжевни преводи, негови преводи на домашни и странски автори се застапени и во неколку печатени и дигитални книжевни списанија и платформи.
За наградата „Драги“ првично беа номинирани 39 преведувачи со книги објавени од 17 издавачи и две приватни изданија. Во првиот круг влегоа 19 преведувачи од 9 издавачки куќи и едно приватно издание. Во вториот круг влегоа 10 преведувачи и 7 издавачки куќи. Жири комисијата е во состав Јана Михајловска (библиотекар и претседател на Библиотекарското здружение на Македонија; претставник на семејството на Драги Михајловски), Лидија Капушевска-Дракулевска (професорка на Катедрата за општа и компаративна книжевност и книжевна критичарка и теоретичарка) и Милан Дамјановски (професор на Катедрата за англиски јазик и книжевност и преведувач).
Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951-2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше и на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор.





