Пишува: Рената Пенчова
Анализиравме колкава е родовата нееднаквост во повеќе сектори па дури и во ИТ-индустријата каде исто така откривме дека постои јаз во висината на платите меѓу мажите и жените дури и на исти или слични позиции
Мажите во земјава заработуваат повеќе во безмалку секоја индустриска гранка – од оние пониско платените, па сè до оние повисоко платени професии. Анализиравме колкава е родовата нееднаквост во повеќе сектори, па дури и во ИТ-индустријата каде исто така откривме дека постои јаз во висината на платите меѓу мажите и жените, дури и на исти или слични позиции. Нашата анализа покажува дека дури петпати повеќе мажи отколку жени земаат плата повисока од 40.000 денари.
Од над 14.000 граѓани кои пријавиле плата повисока од 40.000 денари дури 11.400 се мажи, а останатите се жени, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика.
Нашата анализа покажува дека вообичаено, во безмалку сите сектори, за жените постојат бариери во кариерното напредување.

Според Евростат, глобалниот јаз на платите во Европа и во Македонија е скоро ист во однос на мажите и жените, односно мажите заработуваат 15 проценти повеќе од жените. Според Државниот завод за статистика, објавен годинава, видливо е забележана разлика во платите помеѓу мажите и жените. Според нето-платата и според полот, во 2018 година над 40. 000 денари плата земале 19% жени и 91% мажи. Една година подоцна процентот се променил, односно над 40.000 денари плата и повеќе земале 22,4% жени и 77.6% мажи.
За да провериме каков е овој однос во ИТ-индустријата зборувавме со студенткатата по информатички науки на УГД Штип, Меланија Петрова. Таа вели дека во текот на студирањето не се соочила со родова нееднаквост, ниту пак во текот на својата пракса или пак кога била во улога на демонстратор. На прашањето зошто се појавува оваа разлика во платите во ИТ-светот, таа вели:
„Мажите повеќе се ангажираат околу програмирањето, а жените околу естетскиот дел, околу дизајнот“.
Неодамна беше објавено и истражувањето од „Маргини“ на тема: „Повеќе работа за помалку пари: Како да се намали родовиот јаз во платите во Република Северна Македонија?“ Истражувањето е спроведено во рамките на мрежата за спречување и заштита од дискриминација, а автор е Игор Јадровски, кој во тој период работел во Хелсиншкиот комитет и бил дел од мрежата за заштита. Целта на ова истражување е да придонесе за намалување на родовиот јаз и да се креираат политики преку усогласување на трудовото законодавство во Македонија со трудовото законодавство во Европската Унија, за да се обезбеди административна заштита, според принципот „еднаква плата за еднаква вредност“.
Методолошката постапка на истражувањето била компаративна – правна анализа на легислативата, на домашни судски и административни практики со судски практики од Европскиот суд на правдата. Заклучокот покажува дека не постои почитување на директивата на ЕУ, иако во нашиот закон има спомнување за принципот за „еднаква плата за еднаква работа“, но нема негово уредување.
Вториот заклучок е дека Министерството за труд и социјална политика, Државниот инспекторат за труд, Комисијата за спречување од дискриминација и Народниот правобранител не нудат функционална заштита од дискриминација.
Третиот заклучок е дека нема судска пракса за повредување на правото „еднаква плата за еднаква работа“. Ова, нормално, отвора простор за граѓаните дали се воопшто информирани дека може да побараат ваква заштита од судовите, дали имаат финансиски средства за ваква заштита, исто така треба да се напомене и стигмата кај граѓаните т.е. стравот од губењето на работното место.

Наодите и забелешките од истражувањето се дополнување на законската легислатива, мора да се зајакнат механизмите на заштитните тела, усогласување на домашната судска пракса со судската пракса на ЕУ и најважно да се крене свеста на граѓаните за овој принцип „еднкава плата за еднаква работа“.
Родовата еднаквост претставува еднаков пристап до можности и ресурси, вклучува еднакво економско учество без разлика на полот и еднакво вреднување на реализираните остварувања. Родовите статистики ни овозможуваат да го следиме процесот на воспоставување на еднаквите можности и еднаквиот третман на жените и на мажите во разни области од животот: образованието, вработувањето, правосудството, културата, социјалната заштита.
Овој текст е продукт од проектот „Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.





