„Четири вежби во неизвесност – внимателни погрешни читања на Скопје“ е насловен перформансот на Јудит Милц што ќе се одржи утре во 18 часот во студиото „Приватен принт“ во Скопје. Со перформансот таа ќе го заокружи својот уметнички престој во студиото каде поминала две недели. Во тој период таа направила четири шетачки работилници со вкупно 12 учесници.
– „Четири вежби во неизвесност – внимателни погрешни читања на Скопје“ е серија работилници кои го третираат градот како детективски случај – нерешен, отворен и полн со тивки индиции. Милц покани локални учесници да го погледнат градот преку серија интуитивни, спекулативни и игриви вежби што произлегуваат од самата практика на уметницата: мешавина од дериве, волшебно размислување и лебдечко набљудување. Таа собра збирка приказни, впечатоци и мапа прошетки, кои ќе ги презентира на овој настан, отворајќи уште еден простор за дијалог со присутните – велат организаторите.
Јудит Милц (родена 1989 година) е интердисциплинарна уметница која живее и работи во Карлсруе и Берлин, Германија. Во своите дела, таа ги истражува можностите на скулпторската, перформативната, фотографската и новинарската нарација. Резиденцијата на Милц е финансирана од Гете-институтот Скопје, во рамки на проектот „Кругови на привремено спојување“, дел од програмата за престој на уметници и културни работници на „Приватен принт“.





