Македонците се љубезни луѓе кои знаат да бидат дарежливи и отворени кон другите, вели Алексис Корон, студент во втора година од Франција, кој престојуваше на Факултетот за биотехнички науки во Битола
Една од најважните придобивки на Еразмус+ програмата низ цела Европа е токму можноста младите да се запознаат со нова култура, да споделат искуства, знаења, да се спријателат. Едно такво патување имаше и младиот Французин Алексис Корон, студент во втора година на Универзитет од Лион. Во период од два месеци во вториот семестар на академската 2023/24 година, Алексис беше гостин на Факултетот за биотехнички науки – Битола при Универзитетот „Св. Климент Охридски” – Битола. Младиот Французин ги споделува своите импресии од престојот, од културното наследство што го запознал, од љубезните домаќини и вели дека неговото прво самостојно патување надвор од родната земја, ќе му биде незаборавно.

Покрај тоа што Алексис се вклучи во наставата и лабораториските вежби при нашиот Факултет, реализираше и практична работа во млечната индустрија „Лакталис“ – Битола, на линија за производство на млечни производи, велат од УКЛО.
– Тој успешно ја застапува својата мобилност со постигнување на своите резултати пред директорот на оваа млечна индустрија м-р Далибор Младеновски, деканката проф. д-р Гордана Димитровска и продеканката за наука и помош соработка проф. д-р Дијана Блажековиќ – Димовска при нашиот Факултет и одговорните технолози во оваа млечна индустрија. Студијата на тема “Statistical study of cheese to standardize it” е дело на неговата работа, согледувања и презентации за време на вклучувањето во производството на погон, кои би биле одредени практични апликации во млекарската индустрија – велат од УКЛО.
Поминав два месеци во оваа прекрасна земја, каде што можев да ја откријам македонската култура и начин на живот, вели студентот.

– Навистина, престојував во Битола, еден од најголемите градови во Македонија, па можев да ја посетам и да одам на места како што се плоштадот Магнолија, Домот на армијата и Хераклеја Линкестис. Ова се популарни места и, секако, меѓу најинтересните и најубавите за посета, но градот има и архитектура која е типична за македонски град, богат со историја. Освен тоа, тоa е град со многу разновиден пејзаж, од динамичен центар на градот до сончеви паркови и предградија блиску до околните ридови. Надвор од градот, се впуштив и во областа околу Националниот парк Пелистер, кој е еден од трите национални паркови во Македонија. Би додал дека генерално, Македонија е земја со многу убава и разновидна природна средина – вели Алексис.
Тој објаснува дека неговата работа за време на сместувањето било да спроведе статистичка студија за висината на произведените сирења со цел да се стандардизира нивната висина.

– Можев да го набљудувам производството на сирење, неговиот процес и како е организирано, но пред сè, можев да направам мерења и да размислувам да најдам решение за стандардизирање на сирењето. Понатаму, можев лесно да се интегрирам во тимот и имав многу добра работна поставеност – вели идниот биотехнолог.
На крај, тој додава дека „Македонците се љубезни луѓе кои знаат да бидат дарежливи и отворени кон другите“.
– Бидејќи ова беше мое прво патување самостојно, бев многу задоволен од културниот аспект, пејзажите, луѓето и практикантската работа, која беше многу интересна – рече Алексис.





