„Павилјон“, во кој и Македонија е копродуцент, синоќа го отвори 31. Сараевски филмски фестивал

Со свечена церемонија во Народниот театар во Сараево и светската премиера на босанскохерцеговскиот филм „Павилјон“ од Дино Мустафиќ, кој беше прикажан на осум локации во Сараево, како и во Тузла, беше отворен 31. Сараевски филмски фестивал. Во филмот копродуцент е и Македонија, преку „Круг филм“, а партнери се и Хрватска, Србија и Црна Гора.

На црвениот тепих прошета и актерот Стелан Скарсгард, кој ќе ја добие наградата „Почесно срце на Сараево“.

„Живееме во свет во кој конфликтите, најлошите злосторства, фрагментацијата и политичките кризи станаа секојдневие. Во такви времиња филмот мора да биде моќен. Не може и нема да молчи. Неговата сила е во отворањето простор за дијалог, за емпатија, за она што поврзува. Фестивалот е тука да го носи тој глас и со својата програма ја носи таа одговорност“, изјави Јован Марјановиќ, директор на Сараевскиот филмски фестивал, додавајќи дека мора да се зборува за нашата, босанскохерцеговска кинематографија, која е позната и призната ширум светот, но истовремено и најранлива, бидејќи опстанува благодарение на талентот и истрајноста на авторите кои, и покрај сè, пркосат.

– Го отвораме фестивалот со домашен филм, ‘Павилјон’ од Дино Мустафиќ. Но, фактот дека вечерва имаме босанскохерцеговски филм на платното не значи дека тоа ќе можеме да го повториме и наредната година. Ако сакаме нашата кинематографија да опстане, мора да постои стратешка, суверена поддршка, стабилни буџетски издвојувања, закон што се почитува, јасен одговор од политичката и деловната заедница“, рече Марјановиќ.

„Голема чест е да се отвори Сараевскиот филмски фестивал. Вечерва со публиката, дури 6.000 луѓе, ги отвораме вратите на ‘Павилјон’. Ќе видите, тоа е филм што не нуди утеха, туку поставува многу важни и вистински прашања. Нашата желба е по проекцијата да понесете дел од чувствата што ние ги имавме за време на снимањето“, изјави режисерот Дино Мустафиќ.

Селекторката Елма Татарагиќ ја претстави програмата на 31. Сараевски филмски фестивал.

„На фестивалот ќе бидат прикажани дури 120 регионални наслови, а токму тоа го прави Сараевскиот филмски фестивал најголема платформа за промоција на регионалната кинематографија и најважен тест за сите кои професионално се занимаваат со ова визуелно творештво“, рече Татарагиќ.

Со светската премиера на филмот „Павилјон“ започна и програмата на Сараевскиот филмски фестивал во Тузла, во Bingo Летното кино Тузла.
„Павилјон“ е црна комедија за група станари во старечкиот дом „Павилјон“, кои по години малтретирање и понижување решаваат да кренат вооружен бунт. Наоружани со нелегални средства го заземаат домот, го земаат персоналот како заложници и влегуваат во судир со властите…

На 31. Сараевски филмски фестивал, кој ќе се одржува до 22 август, ќе бидат прикажани 227 филмови и серии од 65 држави во 22 фестивалски програми.

Фото: Сараевски филмски фестивал

Сподели