Патувањата во различни земји поттикнуваат комуникација и разбирање меѓу луѓето

Секој посетен музеј, секоја слушната приказна за некој историски настан од некој град или краткиот разговор со такси-возачот за фонтаната на малиот плоштад, се своја приказна за која знаеме дека ќе раскажуваме на блиските

Пишува: Ива Трпески

Секој нов ден носи нови искуство. Некое доживување кое навидум нема длабоко значење или мудра поука, но сепак остава трага на нашата сопствена слика која ни ја бои животот.

Некои нови искуства ги очекуваме, а други се спонтани. Во очекуваните би го ставиле патувањето. Познато ни е тоа чувство кога си ја пакуваме торбата и правиме еден умствен распоред за тоа што ќе носиме, што ќе посетиме, каде ќе се сретнеме со пријателите, дали ќе има време за да пробаме нешто традиционални или локална закуска и така натаму.

Нашиот пристап кон овие искуства надвор од домот, или подобро кажано, од нашата комфорна зона, се тие кои не збогатуваат карактерно и ни отвораат нови врати со големи можности. Такви можности кои мислиме дека постојат само на филмовите.

Доколку гледаме ретроспективно, од најразлични искуства, сигурно никој не зажалил за ниедно патување. Секој посетен музеј, секоја слушната приказна за некој историски настан од некој град или краткиот разговор со такси-возачот за фонтаната на малиот плоштад, се своја приказна за која знаеме дека ќе раскажуваме на блиските. Приказни кои вредат да се искусат, но и да мотивираат кон повеќе работа и уште повеќе купени карти за влез во ликовни галерии.

Споделувањето добри и лоши страни и раскажувањето слушнати легенди и теории се најомелениот дел на сите нас, особено после некое патување. Ова се темите на разговор на пат за дома, кои се длабоки, немаат цел, а најважно од се, дел се поткрепени со факти, но дел се хипотетички и духовни. Тоа е критичкото, што поттикнува долги дебати и желба за пренесување на тоа што сме го виделе надвор, да го донесеме и дома.

Патувањето е бура на идеи и емоции. Некогаш се враќаме насмеани од шестка до шестка, а некогаш немо ги голтаме солзите. Можеби тоа се боите на сопствената слика.

Сподели