Визуелната уметница Пандора Апостолоска-Саздовска и младата Анастасија Саздовска ќе учествуваат на 22. Интернационална изложба во изложбениот центар „Тагус“ во Кина, по покана од кураторот Ки Луо. Насловот на изложбата е „Симбиоза“ и ќе трае до јуни. Изложбата ќе патува во галерии и музеи во осум држави: Португалија, Романија, Монголија, Шпанија, Италија, Грција и во Австрија и ќе трае од кракот на годинава. Потоа делата на македонските авторки ќе бидат изложени во македонската амбасада во Кина.
Пандора Апостолоска-Саздовска е визуелен уметник, активист и истражувач. Во 2004 година дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Нејзината уметничката практика е насочена кон меѓучовечките односи истражувајќи ги аспектите на војната и насилството како политички и социолошки феномен. Во нејзината богата творечка кариера има реализирано изложби во музеи, галерии и центри за современа уметност, вклучувајќи го музејот за современа уметност во Македонија, националниот музеј во Индија, музејот на Марк Ротко во Латвија, центарот за современа уметност во Абу Даби, Универзитетот за уметност и дизајн во Аман, Јордан и Универзитетот во Шаржа, ОАЕ и многу други. За нејзината работа наградена е од Европскиот град на културата UMEA во 2014 година во Париз, Франција, меѓу другите признанија, грантови и студиски престои. Нејзините дела се наоѓаат во престижни јавни и приватни колекции, вклучувајќи владини институции, амбасади, музеи и галерии.
Анастасија Саздовска се занимава со мултимедијална уметност, инсталација, филм, фотографија, графички дизајн, како и пишување кратки филозофски текстови, поезија и проза. Нејзината уметничка работа се фокусира на истражување на човечкиот идентитет и неговите флуидни форми низ призмата на филозофијата, антропологијата, лингвистиката и политиката. Досега има работено на активистички проекти, поетски читања изложби во Македонија, Србија, Австрија, Шпанија, Обединетите Арапски Емирати и на други места. Студентка е на Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје.





