Пандалф Вулкански награден за најдобра песна за деца на конкурсот „Тоде“

Песната „Алиса се кара со Белиот Зајак и неговата Тава“ на Пандалф Вулкански е прогласена за најдобра необјавена песна за деца на конкурсот „Тоде“. Второто место го освои Соња Манасиевски Конеска за „Жабешки хор“, а третото – Зоран Јакимоски за „Штурецот и мравката“. Наградите вчера беа соопштени во библиотеката „Григор Прличев“ – Охрид. Авторите добија и парични награди – 9.000 денари за првата награда, 6000 денари за втората и 3.000 денари за третата.

Конкурсот е организиран од Здружението за поттикнување на развојот на книжевноста и другите уметности „Креативна верига“, кое се труди преку ваквата востановена манифестација, достојно да му оддаде почит на Тоде Илиевски, кој остави трајни вредности, посебно во книжевноста за деца. Од пристигнатите 96 песни, жири комисијата во состав: Горјан Петревски, Николина Андова Шопова и Живко Грозданоски, ги издвои песните што се најдоа во потесниот избор, а меѓу нив се и трите најдобри. Најдобрите песни ќе бидат објавени во шестиот број на електронското списание „(е)Лит“, што го објавува здружението „Креативна верига“.

Членови на жирито, „претставници од Креативна верига“ и лауреатот Пандалф Вулкански

Тоде Илиевски е роден на 7 март 1952 година, тој беше поет, писател за деца и млади, хуморист, сатиричар, енигматичар, шаховски проблематист и воопшто, вљубеник во игрите.

Здружението „Креативна верига“ се заблагодари на сите автори, што учествуваа во конкурсот, а посебна благодарност упатува до библиотеката „Григор Прличев“ и Општина Охрид за комплетната поддршка за организирање на овој настан, што ќе прерасне во традиционална манифестација.

-Две песни кои се истакнаа со својата свежина и инвентивност се „Алиса се кара…“ и „Штурецот и Мравката“: и обете творби се повикуваат на светски класици од книжевноста за деца, кои успешно ги пресоздаваат: првата во повеќеслојно дело со свежа лексика, со игри на зборови (во духот на Тоде Илиевски), со хумор и со суптилен обѕир кон современи општествени теми на глобално, и можеби пред сè на локално рамниште; втората во едно толку неопходно дело кое, според мислењето на жирито, ја исправува вековната неправда на Ла Фонтен. Песната „Жабешки хор“  е третата песна која се издвои од останатите песни, со својот разигран тон и со музичката терминологија – вели жирито во своето образложение.

Жирито упати и критика до авторите, дека дел од песните (со правописните грешки, без празни места, итн.) не биле лекторирани, а често ни препрочитани.

– Ова можеби во извесна мера се должи на пропозициите за учество на конкурсот, чие прво издание не пропиша ограничување на учесниците врз основа на возраст (нешто што треба да биде земено предвид за следните изданија на конкурсот). Во однос на тематиките, најголем број од песните ги третираат безвременските теми на живиот свет и на природните феномени, кои понекогаш се во врска со детски ликови или со деца и нивните семејства. Голем дел од песните се одликуваат со гномски изрази и со поучни пораки, во согласност со традиционалната книжевност за деца. Добар дел (дваесетина) од песните се посветени на ликот и делото на Тоде Илиевски – вели жирито.

 

Сподели