„Падот на ангелите“ е насловот на изложбата од уметникот Никола Пијанманов што ќе боде отворена вечерва во 19 часот во Ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. За онтолошкиот пад на човештвото, за очајот на цивилизациската сегашност и за последното возвишено воинство на уметноста, во текстот во каталогот за изложбата пишува Александар Еленин.
– Ние, денес, во бесмислен обид да го завладееме несовладливото во природата и да ја вјармиме непокорната живост и вечност на духот, во тој безумен цивилизациски веќе катаклизмичен виор за приграбување на материјални нискости и минливости, успеавме само да го убиеме и последниот траг од божествен белег и возвишена душа во нас. Па, такви, паднати како ангели со јагленосани ореоли, стоиме празни, но сè уште доволно пркосни за уште еден, нов, можеби и последен обид за издигнување над смртно опасната баналност – пишува Еленин.
Никола Пијанманов е роден во Струмица. Завршил во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“, а дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класата на професорот Рубенс Корубин во 2005 година. Реализирал самостојни изложби во Струмица, Скопје, Велес, Куманово, Прилеп. Хрватска, а учествувал на групни претставувања во земјава и во странство. Бил на студиски престој во Париз и на резиденцијален престој во Њујорк. Учествувал на повеќе колонии, а изработил повеќе сценографии, дела во јавен простор и фрескоживопис.





