Овојпат Дамјан заслужил! МОН ќе го награди за медали од две балкански олимпијади

Министерството за образование и наука ќе му додели две парични награди на ученикот Дамјан Давков од Штип врз основа на освоени високи места на меѓународни математички натпревари, односно за освоениот сребрен медал на Јуниорска балканска математичка олимпијада и за освоениот бронзен медал на Балканската математичка олимпијада. Двата натпревари се одржани во 2020 година.

Деветтоодделенецот Давков пред некој ден освои златен медал на Јуниорската балканска математичка олимпијада. Минатата година тој победи на средношколскиот натпревар по математика, но МОН одби да го награди, затоа што не ги исполнувал правилникот, оти бил основец.

ДАМЈАН ДАВКОВ ОСВОИ ЗЛАТО НА ЈУНИОРСКАТА БАЛКАНСКА МАТЕМАТЧКА ОЛИМПИЈАДА

Откако на јавниот повик на МОН за доделување на парична награда за освоена прва, втора или трета награда или златен, сребрен, односно бронзен медал на меѓународен натпревар од областа на математиката, информатиката и природните науки, на ученикот, на наставникот кој му го предава предметот од овие области, како и на менторот кој го подготвувал ученикот за натпреварот, пристигнаа две барања од страна на младиот талентиран математичар кој е актуелен со своите постигнувања на домашни и меѓународни натпревари по математика, Комисијата задолжена за разгледување на апликациите, оцени дека истите се во согласност со наведените критериуми и услови за остварување на ова право.

– Младите како Дамјан Давков се најдобриот репрезент на државата на меѓународно ниво и потврда дека имаме висок човечки потенцијал кој ќе обезбеди подобра иднина за општеството – велат од МОН.

Сподели