Современо студио за колор корекција и монтажа е на располагање на сите фимски работници во земјава, соопшти вечера „Вардар филм“ од Скопје. Целата инвестиција чини повеќе од 3 милиони денари, вели Сани Саиди, директор на „Вардар филм“. Институцијата преку промотивно видео го претстави целиот процес на реновирање на просторијата.
– Вложивме многу заеднички труд во изминатиот период, што донесе радикална трансформација на уште еден запуштен простор, оставен во заборав. Целата инвестиција, почнувајќи од инфраструктурниот дел па сè до набавката и монтажата на професионалната опрема, изнесува над 3 милиони денари. Специјалниот референтен монитор за колор од брендот SONY во вредност од над 1 милиони денари е единствен во нашата земја. Средствата за оваа значајна инвестиција се обезбедени од сопствениот буџет на установата и за прв пат, после неколку децении, во „Вардар филм“ повторно се донесува професионална филмска опрема – вели Саиди.

Сани Саиди, директор на „Вардар Филм“
Тој додава дека сиот ангажман и континуирана работа за модернизирање на филмскиот центар, вклучувајќи го и новото студио за колор грејдинг и видео едитинг, е со единствена цел – да се олесни целиот процес за реализација на проектите на филмските работници и да се зголеми придонесот во развојот на нашата кинематографија.
– Ве поканувам сите слободно да дојдете и одблиску да се запознаете со студиото и да се информирате за можностите и поволностите кои ги нуди – вели Саиди.





