Изложбата „Патување” на авторот Филип Јовески е отворена во галеријата „Аче“ во Центарот за култура „Марко Цепенков” во Прилеп. Станува збор за втора самостојна изложба на авторот на која тој се претставува со дела изработени во комбинирана техника. „Патување“ е нарација низ линија и форма, приказна низ дводимензионални и тродимензионални истражувања и патување раскажано преку интерпретација на едни фантастични предели, поинакви од овие нашите, но сепак толку блиски.

И овој пат во неговите дела, исто како и во неговата претходна изложба „Боите на мојот град”, јасно се одразуваат и меѓусебно испреплетуваат двата аспекти од неговото творештво: архитектурата и уметноста.
Филип Јовески е дипломиран инженер архитект, магистер по архитектура. Има проектирано повеќе значајни објекти во Македонија и во Германија, меѓу кои и новата детска градинка во Точила, Прилеп.
Учествувал на повеќе групни ликовни изложби, како и на сликарски и вајарски колонии и интердисциплинарни уметнички проекти. Член е на ДЛУП. Во последните неколку години освен како архитект, работи и како дизајнер, илустратор на детски книги и концепт артист за графички новели.





