Повеќе простор за децата и младите: Отворен реновираниот оддел во Градската библиотека во Скопје

Одделот ќе работи според месечна програма која предвидува работилници, промоции, средби со автори и илустратори – истакна директорката Снежана Стојчевска

Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје го пушти во употреба реновираниот оддел за литература за деца. Свеченото отворање беше по повод 78.годишнината од постоењето на Библиотеката. Реновирањето траеше цела година.

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска потенцираше дека ваква годишнина е успех за секоја институција, посебно за Библиотеката каде што се гледа и чувствува посветеноста на сите вработени.

– Ви честитам и на трудот да го обновите овој оддел, па Градската библиотека да добие место каде што најмладите ќе учат, ќе читаат и ќе го осознаваат светот низ игра во овој прекрасен простор. Ви честитам и на сè друго што правите како институција. Се надевам дека освен нашата поддршка, ќе ја добиете поддршката и од Министерството за култура за да се пополнат работните места со професионалци, кои ќе ги пренесат своите знаења не само на најмладите, туку и на сите нас. Зашто без човечките ресурси ова е само една празна просторија – рече Арсовска.

Одделението за литература за деца во централниот објект постои од 1974 година. Новиот и современ изглед е архитектонското решение на Александра Лазаревска од студиото „Арчи Нова“ и ги следи потребите и читачките навики на денешните деца, но и актуелните текови во библиотечното работење. Просторот е од отворен карактер, со посебно акцент на светлината и боите кои создаваат пријатна атмосфера погодна за читање и креација.

Снежана Стојчевска

Директорката на Библиотеката, Снежана Стојчевска објасни дека на реновирањето работеле цела година.

– Буквално уривавме ѕидови за да стигнеме до простор каде што децата со радост ќе ги создаваат своите читачки навики. Не ги заборавивме и младите, кои тука ќе најдат не само лектири, туку и слободна литература и мултимедијални изданија. Во Македонија има експанзија на литература за деца и млади, па веруваме дека многу од тие наслови ќе бидат претставени токму тука. Одделот ќе работи според месечна програма која предвидува работилници, промоции, средби со автори и илустратори. Добивме голема донација на книги од неколку издавачи, но треба време за да се обнови целиот фонд. Предвидовме катче за слепи, слабовидни и дислексични лица за што се надеваме и на поддршка од општествено-одговорните компании и поединци – рече Стојчевска.

Одделот за литература за деца располага со книжен фонд од околу 20.000 книги. Голема донација на нови изданија за деца и млади пристигна од издавачките куќи Сказнувалка, Арс Ламина и Антолог, на кои Библиотеката им додели и посебни благодарници. Признанија за поддршка и успешна соработка им беа доделени и на Универзалната сала, Детскиот културен центар „Карпош“ и средното училиште „Лазар Танев“. Свеченоста започна со детската претстава „Доживувањата на Куферко“ на Артленд и Бејбиарт продукција, а заврши со доделување на благодарници за долгогодишната посветена работа на пензионираните библиотекари.

Сподели