Во археолошкиот музеј во Скопје вечерва во 19 часот свечено ќе биде отворената новата постојана археолошка поставка. На отворањето ќе се обратат премиерот Христијан Мицкоски и министерот за култура и туризам Зоран Љутков. Од утре поставката ќе биде отворена за пошироката јавност. На површина од 6.000 квадратни метри, изложените 5.000 артефакти распоредени во 18 оддели, ја раскажуваат историјата на Македонија.
Првата археолошка збирка во Македонија е формирана во 1920 година во рамките на Филозофскиот факултет во Скопје. Во 1924 година е организирана музејска институција – историско-археолошки музеј со лапидариум, сместен во Куршумли ан.
Во текот на Втората светска војна музејската институција функционира како Народен музеј – Скопје. Во овој период имало три одделенија: археолошко, етнографско и средновековно.
Со реорганизација на музеите во ФНР Југославија, од Народниот музеј во Скопје се формира и Археолошкиот музеј како посебна институција од републички карактер.
Од 1945 до 1963 година седиште на Археолошки музеј е старата зграда од касарната на Скопско Кале. Во 1955 е отворена постојаната поставка на камени споменици – лапидариум, сместена во адаптирана коњушница на Куршумли ан.
Од 1963 до 1977 година Археолошкиот музеј е сместен во бараките на Куршумли ан. Во 1976 година е пуштен во употреба новиот музејски комплекс Музеј на Македонија во кој археолошката поставка е изложена сè до 2014 година кога Археолошкиот музеј на се удоми во новиот објект покрај реката Вардар.





