Со проекција на култниот филм „Рани трудови“ (Rani radovi) на Желимир Жилник вечерва во 21 часот, ќе биде отворено Летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката. Култниот режисер ќе биде гостин и ќе се сретне со публиката. Тој, заедно со режисерот Јанко Баљак ќе гостуваат и утревечер во истиот термин, кога ќе биде прикажан документарецот „Журнал за Желимир Жилник“.
За „Рани трудови“, Жилник ја освои „Златната мечка“ и наградата на младата публика на Берлиналето. Филмот во март 1969 година бил забранет за прикажување од страна на цензурата, а во јуни, кога го освоил Берлиналето, против него бил започнат судски процес поради „вознемирување на југословенската јавност“.
„Рани трудови“ е филм за една девојка и три момчиња обземени со прашањето дали е можно секој да стане господар на сопствената судбина? Во почетокот наидуваат на публика, луѓе што внимателно ги сослушуваат, но потоа ги отфрлаат нивните идеи бидејќи се премногу радикални. Сфаќајки дека народот не ги прима нивните пораки, тие решаваат да страдаат заедно со него. Кога им здосадува, момчињата ја спасуваат девојката од маките со тоа што ја полеваат со бензин и таа исчезнува во пламенот… а останатите, најпосле среќни и исполнети, си продолжуваат да живеат.
Жилник е режисер, сценарист, филмски критичар, роден на 8 септември 1942 година во кампот на Црвениот крст во Ниш, каде била затворена неговата мајка Милица, подоцна убиена во логорот организиран од злогласниот нацистички Гестапо; татко му Слободан бил убиен од четниците во 1944 година, и Желимир пораснал во семејството на неговата мајка.
Во студентските денови бил главен уредник на Трибината на младите и уредник на списанието „Полиња“ („Поља“), а тогаш се занимавал и со филмска критика. Кариерата ја продолжува со проектите во Неопланта филм од Нови Сад, а потоа и со Телевизија Нови Сад. Уште кон крајот на шеесеттите години, заради своите визуелно експресивни филмови како критика на современото живеење добива бројни признанија во Југославија и во странство (за документарниот филм „Невработен“, снимен во 1967 година, добива Гран при во Оберхаузен).
Во 1994 година, со „Тито по втор пат меѓу Србите“, Жилник повторно пионерски го отвора патот за видео и телевизиската продукција на тогаш најрадикалниот и најнезависен медиум во Белград – Б92.
Жилник беше гостин на Кинотеката во 2008 година, кога беше прикажан дел од неговиот исклучителен опус. Петнаесет години подоцна, еве го Жилник потворно како гостин во Кинотеката, на отворање на летното кино.





