Во центарот на градот Алжир, метропола на истоимената држава во четврток (8 мај) ќе биде откриена скулптурата „Последниот бастион“ од македонскиот скулптор Сашо Саздовски. На церемонијата ќе присуствува министерот за култура на Алжир, Зухиар Балалу. Саздовски „Последниот бастион“ ја посветува на неговиот татко, Александар Саздовски-Пацифист (1950-2023).

Скулпторот Сашо Саздовски и визуелната уметница Пандора Апостолоска-Саздовска се дел од Интернационалниот симпозиум што се одржува од 26 април до 10 мај во Алжир. Собирот го организира Министерството за култура на таа земја. Саздовски работи на мермерна скулптура со наслов „Последниот бастион“ која ќе спојува различни елементи од алжирската историја. Апостолоска-Саздовска инспирирана од алжирската култура и архитектура ќе го искористи престојот за правење на урбани (live/street) фотографии кои ќе ги претстави пред македонската публика по враќањето од Алжир.

Минималистичка по својата содржина скулптурата „Последниот бастион“ ќе ги претставува телата на војниците кои се слични на алжирските тврдини и минариња во долина М’заб која е под заштита на УНЕСКО. На телата им недостасуваат нивните глави, повикувајќи на нивното враќање, кои биле насилно одземени од некогашниот Француски колонизатор.
Францускиот музеј на човекот (Musee De l’Homme) во Париз, сè уште чува околу 18.000 черепи од алжирскиот народ од колонијалните војни од 19 век, што учествувале во борбата за независност. Алжирците бараат од музејот нивна реституција – враќање за да може да им се оддаде почит и соодветно да бидат погребани.

Сашо Саздовски е скулптор и истражувач. Во 2000 година дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, каде во 2002 година магистрирал. Уметничката практика на Саздовски е научно-истражувачка, со фокус на прашањата за бесконечноста како одраз на нашето ограничено постоење во времето и просторот. Најзначаен сегмент во неговата креативна кариера е реализацијата на монументални скулптури во јавен простор. Досега има реализирано над 20 јавни скулптури во Аргентина, Саудиска Арабија, Оман, Алжир, Катар, Азербејџан, Словенија ОАЕ, Турција, Косово, Босна, Србија, Црна Гора, Латвија, Русија, Италија, Австрија, Германија, Данска, Чешка, Португалија и во Македонија. Добитник е на многу награди за скулптура во Македонија и во странство. Тој е професор по ликовна уметност во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“ во Скопје.

Пандора Апостолоска-Саздовска е визуелен уметник, активист и истражувач. Во 2004 година дипломирала на ФЛУ во Скопје, отсек сликарство со реставрација и конзервација. Нејзината уметничката практика е насочена кон меѓучовечките односи истражувајќи ги аспектите на војната и насилството како политички и социолошки феномен. Во нејзината богата творечка кариера има реализирано изложби во музеи, галерии и центри за современа уметност, вклучувајќи го музејот за современа уметност во Македонија, националниот музеј во Индија, музејот на Марк Ротко во Латвија, центарот за современа уметност во Абу Даби, Универзитетот за уметност и дизајн во Аман, Јордан и Универзитетот во Шаржа, ОАЕ, уметничко биенале во Малезија, 19 Азиско биенале во Бангладеш, 58 Биенале за архитектура во Венеција и многу други. Во 2017 година беше визитинг-професор на катедрата за визуелни уметности на Универзитетот за уметност и дизајн во Шаржа, Обединети Арапски Емирати и во 2023 беше визитинг-професор на Универзитетот во Јемен.
Фото: Пандора Апостолоска-Саздовска





