Вредноста на кратките филмови направени не само од финансиски зорт, туку и од желбата да се раскаже една „густа“ и интензивна приказна, ја потврдуваат два македонски кратки филма прикажани на вториот ден на фестивалот „Синедејс“, пишува Илина Јакимовска во рубриката „Букбокс“ на порталот Офф.нет.мк. Двата филма синоќа имаа премиера во Младинскиот културен центар во Скопје.
„Еден тон сладолед“ на дебитантката Сандра Ѓоргиева зборува за трауматичен момент од животот на тинејџерот Ведран, кој врз своите кревки плеќи носи големо бреме – вина за нешто што самиот не го сторил, но го сведочел.
Ѓорче Ставрески зад себе веќе го има долгометражниот „Исцелителот“ во „Дали си маж?“ не поставува реторичко, туку реално прашање, на кое треба да одговори едно седумгодишно дете. Марко (го игра одличниот Данило Ивановски), нетипично за деца на негова возраст, сака да решава математички задачи, а не на пример да игра маалски фудбал.
Комплетните осврти прочитајте ги на „Букбокс“.





