Филмот On the Way на турскиот режисер Самир Карахода ја доби наградата за најдобар филм во официјалната селекција на Фестивалот на филм и музика „Sирни“, што заврши синоќа. За наградата одлучи жирито во состав: Кристина Леловац, актерка; Трифун Ситниковски, режисер; и Дина Дума, режисерка.
– Веруваме дека прашањата за миграцијата се меѓу најгорливите теми на нашето време, а Самир им пристапува со извонредна суптилност и нежност. Инспириран од разговор со неговиот син, филмот ја оцртува безизлезноста на професијата на таткото како филмски режисер, спротивставена на соништата на синот кој сака да стане фудбалер — соништа за кои знае дека не можат да се остварат во Косово. Преку оваа лична, но и универзална приказна, Самир Карахода ја осветлува дилемата на една генерација заробена меѓу љубовта кон татковината и итноста на нејзино напуштање во потрага по подобар живот.

Жирито одлучи да додели специјално признание од официјалната селекција за филмот „Остров“ на Бранко Костески. Филмот вешто си игра со карактеристиките на добро познатите романтични комедии, излегувајќи надвор од вообичаените норми за еден македонски филм. Во исто време обработува силна и актуелна порака за современиот свет на романтичните врски, општествениот притисок за создавање семејство и потребата од зачувување на индивидуализмот – секојдневни проблеми кои постојано се во меѓусебен судир. Оваа полуавтобиографска комична приказна не остава никого рамнодушен и претставува силен потсетник дека и на Балканот режисерите успешно можат да се движат во рамките на холивудските жанрови.

Самир Карахода
Наградата за најдобар студентски филм ја доби Тинкара Клиптетер за филмот „Ментор“, работен во рамките на студиите на АГРФТ Љубљана. Младата режисерка „одважно избира да ги деконструира токму сложените динамики и културата на нормализирано насилство на театарските академии. Тинкара со „Ментор“, покрај широката публиката, нѐ соочува и нас од академската заедница со суровоста на непропрашаните (машки) авторитети меѓу нас, кои постојано ја злоупотребааат својата позиција на моќ во деликатните релации со студентите, а особено студентките и тоа уште се осмелуваат да го наречат свој оригинален педагошки метод.“
Публиката за најдобар филм го избра „Неми филмови“ во режија на Крсте Господиновски. Паричните награди на фестивалот ги овозможи „Халкбанк“.





