Во македонскиот Културно-информативeн центар во Загреб, во емотивна атмосфера и полна сала, се одржа кус омаж на дводомниот македонско-хрватски композитор Тома Прошев, во пресрет на јубилејната 30-годишнина од неговата смрт. Концерт насловен „Од класицизам до македонизам“ одржа квартетот Stringendo. Настанот го проследија истакнати претставници на македонските и хрватските институции и организации во Загреб, бројни загрепчани, Македонци кои живеат, работат или се школуваат во Загреб, како и претставници на државната и локалната самоуправа во Хрватска.
Бројната публика и семејството на Прошев со пригодни зборови ги поздравија, македонскиот амбасадор во Хрватска, Драган Ѓурчевски, директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска-Илиевска, парохискиот свештеник на МПЦ во Хрватска, Кирко Велински и претседателката на Советот на македонското национално малцинство за град Загреб, Иринка Ангелова-Попржан.

Мими Ѓоргоска-Илиевска
За ликот и делото на Прошев, културен деец кој живеел и творел во Македонија и во Хрватска, спомени и историско-научни податоци споделија неговата ќерка, проф. д-р Борјана Прошев-Оливер и неговиот најстар внук, композитор и музиколог проф. Томислав Оливер. Со изведби на клавирски дела од Прошев се претставија македонските студенти на Музичката академија во Загреб: Виктор Рафајловски со делото „Варијации за клавир-Интима“, Андреа Николовска со делото „Арабеска и Токатина“ и Борјан Оливе (внук на Прошев), со „Музичка сликовница“.
По омажот вечерта беше збогатена со концертот на Stringendo во чиј состав настапуваат: Љубица Делева Поповска, виолина Олгица Шундиќ – виолина, Љупка Каевиќ – виолончело и Наташа Лазаревска – обоа.

Квартетот Stringendo е специфичен спој на дувачки инструмент (обоа) со гудачки инструменти (две виолини и виолончело). Целта на неговото формирање е афирмација на македонската музика и негување на класицизмот како важна епоха за развојот на инструменталната музика. Обоата со нејзиниот специфичен звук е често поврзана со звукот на изворните македонски инструменти, токму затоа таа има главна улога во нижењето на преубавите мелодии на македонската песна. Во последните години Stringendo активно настапуваат во Македонија и во странство, а како најзначаени настапи може да се издвојат концертите во Рим и во Њујорк.
Тома Прошев голем дел од животот го поминал во Загреб, каде се создава голем дел од неговиот опус. Настанот го организираше македонскиот КИЦ во Загреб со Советот на македонското национално малцинство за град Загреб.





