Околу 400 ученици од основните училишта во земјава ќе учествуваат на манифестацијата „Ноември – месец на науката“ што ќе се одржи денеска и идната сабота на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Координатор на научниот собир на најмладите годинава е Сојузот на хемичари и технолози на Македонија.
Манифестацијата почнува утрово во 8 часот со регистрација на учениците и нивна подготовка за демонстрациите на првиот кат во Институтот за хемија при ПМФ, каде што задолжително треба да се пријават. Во 9 часот во Хемискиот амфитеатар се одржува свеченото отворање на настанот. Веднаш по отворањето, во 9.30 часот започнува натпреварот во експерименти и изработки, кој ќе се одвива на ходниците на првиот, вториот и третиот кат на Институтот. Работните места ќе бидат однапред обележани, а распоредот на учениците ќе биде дополнително објавен. Натпреварувачите ќе останат на своите места до 12 часот, кога следува пауза за ручек и кафе, која ќе се одвива во библиотеката на Институтот за хемија.
Пленарните предавања започнуваат во 13 часот во Хемискиот амфитеатар со излагањето „Универзумот од Биг Бенг до денес“ на доц. д-р Јана Богдановска. Потоа, во 13.30 часот, во истата просторија продолжува популарниот „Хемиски спектакл“. По него, во 14.30 часот, е предвидена кратка кафе-пауза на првиот кат.
Во 14.45 часот почнуваат активностите за наставниците во предавалната 124. Прво предавање е „Геометријата во природата — од движење до наука“ на Ратка Михајлова, по што во 14.55 часот следува презентацијата „STEAM and Sports – интегрирано планирање“ на Александра Блажевска. Во 15.05 часот Олгица Бајалџиева ќе говори за проектната настава како современ пристап за поттикнување знаење и тимски дух, а од 15.15 часот проф. д-р Сузана Диневска-Ќовкаровска ќе го одржи предавањето „Истражувачки активности – од хипотеза до заклучок“.
Во истото време, од 14.45 часот, се одржуваат и шест работилници за ученици: оригами лабораторија во предавална 125, математички игри со коцки во предавална 101, BioMakerSpace пред библиотеката на Институтот на првиот кат, „Еко-мистерија со опасни супстанци“ во библиотеката, работилницата „Патување назад во времето, од денес до Биг Бенг“ во предавална 14, како и „Исхрана кај растенијата“ на приземјето. Секоја од работилниците има ограничен број учесници. На првиот кат повторно е предвидена кафе-пауза во 15.45 часот.
Денот завршува со доделувањето дипломи на најуспешните ученици, што ќе започне во 16 часот во Хемискиот амфитеатар. Поради очекуваната зголемена фреквенција на возила околу зградата на Институтот за хемија, организаторите замолуваат сите учесници да ги почитуваат препорачаните насоки на движење. Бидејќи паркинг просторот е ограничен, препорачано е возилата само да ги остават учениците на означеното место и веднаш да продолжат, за да се одржи непречена циркулација.





