„Браќа Манаки“ е фестивал со специфика која ја немаат многу други фестивали, фестивал почитуван од вистинските филмаџии, фестивал за кој треба да се грижиме уште повеќе. Со нетрпение и возбуда ја очекувам нашата премиера – вели Доксевски.
Наум Доксевски e директор на фотографија на 20-ина кратки филма, на долгометражниот „Сестри“ на Дина Дума, а негово последно оствaрување е „Домаќинство за почетници“, филмот на Горан Столевски. Македонската публика ќе го види новото долгометражно остварување на македонско-австралискиот режисер, утревечер на отворањето на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола. Токму на овој фестивал, тој ја доби и наградата „Мала камера 300“ за краткиот филм „Види ја ти неа“ на истиот режисер. Филмот „Домаќинство за почетници“ во продукција на „Лист продукција“ од Скопје, ја имаше својата светска премиера во Венеција, на големиот филмски фестивал, во програмата „Хоризонти“, каде беше одлично оценет од светските критичари.

Наум Доксевски (фото: Александар Ристевски)
Оваа ви е втора соработка со Столевски, по „Види ја ти неа“. Какво професионално патување беше за вас „Домаќинство за почетници“?
– Кога прв пат го сретнав Горан во периодот кога го подготвувавме „Види ја ти неа”, паметам дека бев воодушевен од неговиот талент за филм, режија, неговите познавања од фотографија, светло, камера и сè поврзано со филм. Уште на самиот почеток на нашата соработка забележав дека тој сето ова го артикулира со неверојатна брзина и точност и тогаш сфатив дека да се соработува со Горан ќе биде огромен предизвик и уживање во исто време. „Домаќинство за почетници“ беше на некој начин продолжување на соработката преточена во игран филм каде што се сплотија нашето дотогашно искуство и меѓусебно разбирање надополнето со фантастични актери и исклучителна филмска екипа. Самиот процес на создавање на филмот течеше со неверојатно брзо темпо кое од првиот до последниот кадар понуди можност за креативни решенија кои оставија, се надевам, печат на самиот филм. Таквиот начин на работа беше исцрпувачки за целата екипа, но поради фактот дека се прави нешто значајно и убаво, енергијата што владееше меѓу сите нас беше позитивна и со леснотија нè движеше напред.

Филмот обединува актери и екипа од повеќе земји. Колку е тоа предизвик, да се биде дел нешто што е големо, да се зборуваат различни јазици, а сепак, јазикот на филмот и на подвижните слики да ве поврзува?
– Составување на голема интернационална екипа е голем предизвик. Како што нагласив претходно, остварувањето на овој филм се одвиваше со голема леснотија за која покрај Горан, заслужна е и нашата продуцентка, Марија Димитрова која успеа на најдобар можен начин да го води целиот овој процес и да ги искомбинира сите учесници на оваа сложена мултилатерална копродукција. Особено сум благодарен за можноста да соработувам со врвни професионалци од различни земји кои го дадоа својот максимален придонес во интерес на филмот.
Сте работеле на доста кратки филмови, „Сестри“ во 2021 година ви беше еден од поголемите проекти. Како го избирате вашиот израз во филмот? Дали ви се случило да не се „пронајдете“ по естетика со режисерот?
– За најголем бенефит во мојата досегашна кариера го сметам снимањето на повеќе од 20 краткометражни филмови со многу режисери кои имале различен пристап и сензибилитет. Тоа ми помогна да сфатам што е тоа што мене ме интересира и на тој начин да го изострам мојот израз како директор на фотографија. Имам чувство дека заеднички се препознаваме и пронаоѓаме со режисерите со кои соработувам, па така и нашето творење се случува природно и спонтано.

Филмот „Сестри“ во режија на Дина Дума ќе ми остане како еден од најдрагите филмови бидејќи означи една нова генерација млади филмаџии со кои долго претходно работевме и дружевме уште од нашите студентски денови.
Кои се вашите омилени директори на фотографија, кои посебно ги почитувате?
– Роби Рајан, Роберт Ричардсон и Роџер Дикинс отсекогаш ми биле во топ 3, редоследот се менувал зависно од периодот.

Од снимањето на „Сестри“ (фото: Мартин Иванов)
Ви значи ли можноста филмот македонската премиера да ја има токму на фестивалот посветен на вашата фела?
– Фактот што изминативе 15-ина години мислам дека немам пропуштено издание на фестивалот говори дека оваа премиера на „Манаки“ ми значи многу. Со „Манаки“ ме спојуваат драги спомени. Еден од нив е и освојувањето на „Mала камера 300“ за краткометражниот филм „Види ја ти неа“, исто така, во режија на Горан Столевски. „Манаки“ е фестивал со специфика која ја немаат многу други фестивали, фестивал почитуван од вистинските филмаџии, фестивал за кој треба да се грижиме уште повеќе. Со нетрпение и возбуда ја очекувам нашата премиера.
Што е следно? Каков проект подготвувате?
– Во моментов интензивно се подготвуваме и сме пред сам почеток на снимање на играниот филм „Диџеј Ахмет“ на Георги Унковски. Соработките со Георги секогаш се вистинско уживање. Имаме одлична приказна и суперекипа. Веднаш по „Диџеј Ахмет“ ме очекуваат нови и возбудливи филмови кои со нетрпение очекувам да започнат.
Насловна фотографија: Виктор Иванов





