„Оган“ е насловена изложбата на слики од Бојана Артиновска што ќе биде отворена вечерва во 20 часот во Културно-информативниот центар во Скопје. Фокус во поставката има огнот како движење, страст и внатрешна сила. Отворањето на изложбата ќе биде проследено со перформанс на Емил Петро, визуелен уметник, дизајнер и истражувач кој работи со светлина, дигитална анимација и современи сценски визуализации. Тој ќе изведе светлосни проекции и движења врз делата, со што ќе внесе дополнителна динамика и енергетски импулс што природно се надоврзува на боите и текстурите.
Ќе настапи и Игор Темел, основач на музичкото студио „Амон-дур“ од Битола. Неговата музика ќе пулсира заедно со делата и со проекциите, создавајќи единствена атмосфера каде бојата, звукот и светлината дишат заедно.
Бојана Артиновска е визуелна уметница родена во Велес, а живее и работи во Битола. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсек сликарство и сценографија. Како слободен уметник, од 2000 до 2003 година работи во САД, по што активно твори на македонската уметничка сцена. Таа е член на трите национални здруженија на ликовни уметници ДЛУБ, ДЛУП и ДЛУМ. Реализирала бројни групни настапи и девет самостојни изложби. Поставката во КИЦ ќе биде отворена до 3 декември.





