Од „Зад аголот“ до „Црнила ремикс“ или од музика до претстава и неколку зборови попатно

За хип-хоп читањето на „Црнила Ремикс“, Дарко Димитриевски летово ја доби наградата на Нишвил џез фестивалот, а утревечер заедно со својот колектив „Зад аголот“ ќе настапи на главната вечер на фестивалот „Таксират“

Пишува: Ана Стојаноска

„Црнила ремикс“ е ново, поинакво, хип-хоп читање на драмската класика на Коле Чашуле, која премиерно ја постави режисерот Јордан Симонов, во продукција на МКЦ, во 2018 година. Музиката за претставата, како и препевите на текстовите во хип-хоп манир се дело на Дарко Димитриески и Павле Димковски од колективот „Зад аголот“. Кога почнав да ја правам реконструкцијата на претставата, решив за прв пат во театролошката наука, да ја направам низ објективот на музиката. За таа цел, разговарав со Дарко Димитриески, препознавајќи го начинот на кој ја разработува драматургијата на музиката, дека станува збор за оригинална, авторска музичка поетика. Имаме прилика да сведочиме како една култура или супкултура, како што е хип-хопот, кога е конструирана низ еден универзален драмски текст, може да е поактуелен од редица нови драмски модели. И посебно што сега доаѓа и концертот на „Зад аголот“ на годинешниот „Таксират“ (7 декември, на главната вечер, во арената „Борис Трајковски“).

 

Кој е Дарко Димитриески и која е музиката што си ја има за најсвоја?

– Дарко Димитриески е син на Виолета Јовановска, доаѓа од Скопје, љубител на дизајн и визуелни уметности, бивш потенцијален кошаркар и се најде во музиката во даден момент, бидејќи имаше можност да се запознае со добри луѓе и преку музиката да проба таа енергија и љубов што ја имаше за визуелните уметности некако да ја трансформира во аудио уметност. И од тогаш, од 2008, т.е. од 2006 бев во групата „Длабока трага“, а во 2008 ме викнаа во „Зад аголот“ и од тогаш сум во „Зад аголот“.

Откога знам за македонскиот андреграунд хип-хоп знам за „Зад аголот“, но каде, кога, зошто почна?

– „Зад аголот“ е почнат уште пред јас да се приклучам во него. Прво постои „Зад аголот“ продукција, како аудио продукција, основана од Марко, Бранко и од Алек, значи, тогашни „СВП“ бендот. Составите се менуваа низ годините. Во првиот состав беа групите „СВП“, „Исток запад“, „ТХЦ“, и подоцна кога мислам дека им требаше „нова крв“, групите што тогаш снимаа во периодот од 2008 до 2011, се собравме и решивме да направиме едно заедничко издание. Првично, требаше да биде компилација, но кога имавме еден настап на „Пиволенд“, кога ги правевме пробите сфативме дека имаме хемија и повеќе од компилација и решивме да направиме група, рап група, која ќе стои зад името „Зад аголот“ која ќе ја сочинуваат групите: „Длабока трага“, „СВП“, „Римски масив“, ДЏ Оки Доки, ДЏ Илич, Паки како соло артист. И од тогаш, од 2011 наваму, ние сме „Зад аголот“.

Го извадивме првиот албум и сфативме дека тоа ќе трае поради многу убави забавни проби, дружења, се поврзавме некако и емоционално сите и си изградивме еден кодекс кој што го почитуваме и до ден денес и можеби тоа е причината зошто не сме испокарани како некои големи музички групи со текот на времето. Може ради кодексот, може што како луѓе сме исто воспитани, што делиме слични гледишта за музика и за процесот на правење музика. Тоа нè одржа толку години заедно. Оваа година правиме 10 години од првиот албум.

Колку е „Црнила ремикс“ почеток на некои нови истражувања во музиката? Колку од „Зад аголот“ има во музиката за претставата и колку претставата провоцира сè што ќе биде следно во „Зад аголот“?

– Се надевам дека ќе биде почеток. Почеток е бидејќи, нема таков формат, рап музиката немала прилика да создаде една претстава досега. Мислам дека луѓето добро ја прифатија. Формата има што да покаже дури понатаму и да се разработува. Не е сè искористено во „Црнила ремикс“, има оставено простор да се надградува, да расте, да создава нови претстави со нови музики. Така што јас можам само да се надевам дека е нов почеток, а времето ќе си го покаже своето понатаму. Што се однесува до вториот дел од прашањето, мислам дека има многу, бидејќи, понекогаш, инструменталниот дел на музиката на „Црнила“ го доживувам како некое дете на „Зад шпиунката“ (албумот на „Зад аголот“, моја заб). И сега да се вратам на времето кога ја правевме „Зад шпиунката“ може би искористил инструментали од „Црнила“.

Фото: Венко Шереметковски

Дефинитивно би ги искористил „Комитетот“, „Муграта на Пирин“ посебно, кога ја слушам со скречовите, со гајдата. Така што со Павле (Димковски, моја заб.). кога го правевме препевот, сè што имавме научено низ годиниве, како римување, како занает го употребивме, така што симбиотични се тие две „Зад аголот“ и „Црнила ремикс“. Иако пробавме да најдеме друг идентитет, подоцна малку ги развивме музиките во други сфери, да не биде „Зад аголот“, затоа што нема поента да биде исто, требаше да направиме да биде различно, да добие свој идентитет, свој звук. Истовремено е и „Зад аголот“ и е сам посебен идентитет.

Како одеше адаптацијата на текстот?

– Да го адаптираш текстот сам е многу работа, затоа му помогнав на Павле. И самото пишување не е обично, има тенка линија помеѓу тоа кои зборови можеш да ги користиш, кои не можеш да ги користиш, не треба да ја однесеш во модерно време, не треба да ја однесеш во престаро време. Треба да ја најдеш во таа 1921г. И многу е чудно да ставиш рап во тоа време. И тоа ми беше мене најголем предизвик. Како да направиме рап што прилега на тие години кога немало рап? Главниот фокус го фрливме на изборот на семпловите, да најдеме звуци што на некој начин се складни со тоа време, со Софија во тоа време, со приказната. Првата идеја ни беше да користиме само македонски семплови, собравме сѐ што можевме од македонски семплови, ама нашата ризница не е толку голема, барем не е толку голема од семпловите што може да се употребат во рап песни. Требаше да најдеме нешто што е урбано, што е старо, што е градско. Мислам дека пола се македонски семплови, другата половина се сè некои од каде не, сè што ни одговарало во тој момент. Важно беше само да не е некоја позната песна, да е песна што не е активна, да можеме ние да ја реактивираме.

Фото: Иван Нешовски

Како одеше процесот?

– Направивме технички некој скелет, тоа е далеку од тоа што сега може да го слушнеш. Најдовме еден куп семплови и решивме да ги направиме музиките од тие семплови. Има еден дел од македонски семплови, намерно така правам, ставам 7-8 странски семплови, ама помеѓу тие странски семплови, ставам 2-3 македонски, и ако тие сонично се поклопат со странските, човек кога слуша има чувство дека сè е тоа едно, дека сè е наше, без разлика што некои звуци доаѓаат од некои други краеви на планетава. Тоа беше битното и тоа беше најголемиот предизвик. Зашто на пример, ако ја земеш „Ѓорче е убит“, тоа воопшто не е наша музика, ама заедно во склопот, сè на крај звучи некако наше. Тоа беше главната поента. Подоцна, им дадовме простор на актерите, зашто дел од нив, сигурен сум знаеш, се занимаваат, или барем се фанови на рап музика. Им дадовме слобода да учествуваат, некои стихови се и на самите артисти и тоа е добро. Ние може да го направиме преводот, адаптацијата, но јас сакам кога и самите го прават тоа. Убаво ми е кога ќе остават нивно, да имаат влијание во тоа. Така ми е поскладна приказната. Поголемиот дел, деведесет посто е тоа јас и Павле што го напишавме, но тие десет проценти за мене се многу битни, што тие сами си ги видоизменија.

Дали сметаше дека на секоја приказна, јас така ќе ги викам сите тие сцени/песни како приказни, треба да има различна музичка приказна?

– Да, да, дефинитивно. Пробувавме да се врземе на емоцијата. Ги поделивме по приказни, по битови, по сцени и требаше да одредиме која емоција преовладува на сцената. На пример, повидливо е во „Америка“, преовладува емоцијата на женскиот лик, кршлива е, се чувствува напуштено, уплашена е и музиката треба да го прати истото чувство. Тоа беше принципот за сите песни.

Координацијата на тоа што ќе биде и каде, дали беше само твоја?

– Деведест проценти, да. Десет на Јордан Симонов, како режисер знаеше да рече „овде ми треба нешто да спуштам“ и тогаш го следам неговото, барам нешто што треба да спуштам. Јас технички можам и сам да определам кај треба да спушти кај не треба, не ми е прв албум како целосен продукт, ама и реално не можам да кажам дека тој не дава насоки. Генерално поголемиот дел е мој, зашто во тоа кнап време од неколку недели што го имавме откако не ограбија (студиото на Соулментал е ограбено во периодот на снимањето на музиката на „Црнила ремикс“, моја заб.) мораше да се прават брзи одлуки и немаше време за понаков тип на работа. Поинтересниот дел за мене беше кога го спремавме саундтракот, каде се звучи онака како што треба и добро и убаво. Тогаш ги средивме ритмовите да звучат „tight“, ги средивме и аранжмански.

Фото: Венко Шереметковски

Колку, според тебе хип-хоп културата е театрална?

– Уф, тоа е многу добро прашање. Зашто од една страна хип-хоп културата има аверзија кон глумење, спрема „глуметање“ поточно, зашто глумење е нешто друго, чесен занает. Од една страна раперите нема да сакаат да кажат дека имаат театралност, но сепак имаат театралност. Бидејќи се работи за уметност, се работи за перформанс. И тој перформанс што се случува на сцена е некаков вид на театралност, според мене. Затоа можам да кажам дека има театралност. А во самото пишување, во самото снимање на песната, во моментов не можам да најдам.

Би работел ли музика на претстава која не е рап?

– Секако, зoшто да не. Јас слушам и многу други музики, во дадени периоди не слушам рап воопшто. Во дадени периоди слушам цело време рап. А и во првото прашање имаше за музиката што ја слушам. Па да ги споиме сега тие две прашања. Најсвоја ми е рап музиката, дефинитивно. Поради фактот што го правам тоа, што сум дел од тоа долго време. Но, и рапот кога ќе го разложиме од каде доаѓа влече од многу други музики, од соул, од џез, влече од многу краишта, сум чул и блуз елементи во рап. Кога ќе размислам од друга перспектива, доста слушам соул, обожавам соул музика, обожавам фанк музика, обожавам џез музика, психоделија сакам, сакам некои луди работи што не знам во кој жанр да ги ставам. Многу ми е важно музиката да има авторски печат.

Насловна фотографија: Венко Шереметковски

Сподели