Од чаршафи, тул и многу љубов, учениците во Негорци со нивната наставничка по ликовно направија преубави фустани

Го видов чаршафот на син ми од ланската Априлијада, па си помислив зошто да не направиме едноставно глок-здолниште, ќе биде интересно за девојчињата. На почетокот немав намера да биде модна ревија, но им се допадна идејата како на мене, тaкa и на останатите ученици, па рековме – ајде! Се ближеше и патронатот, што се поклопи одлично за да направиме цела модна ревија од наши креации.
На патронатот секоја година има различна извонредна целосна претстава од драмската секција, хор и оркестар, па годинава се решивме да го збогатиме и со модна ревија – вели наставничката по ликовно Анамарија Митриќеска-Кал’чева, доближувајќи ја инспирацијата за ревијата што во училиштето „Ристо Шуклев“ беше реализирана неделава, во чест на патрониот празник.

– Моделите ги работевме со огромно задоволство. Замислете – нивна модна ревија, облеки кои учениците сами си ги направиле и го нацртале целиот дизајн. Сите работевме, јас и децата цртавме, секретарката во училиштето Елизабета Нанчева со голем мерак ги соши, мајка ми ги пронајде сите капи и синџирчиња што сме ги купувале низ годините и направивме интересни комбинации, а маж ми направи професионални фотографии. Материјалот од кои се направени здолништата е всушност креветски чаршаф. Учениците од дома донесоа платени чаршафи, а од советот на родители ни го донираа тулот, дури и моја другарка, бидејќи ù се допадна идејата, купи тул и го донираше – објаснува Анамарија, која всушност е магистер по костимографија и висока мода.

Одозгора на скроеното здолниште, ја одбирале темата, а девојчињата од сите одделенија од 6. до 9. одделение, прво ги цртаа, а потоа ги сликаа со акрилни бои.
– Немавме доволно време, доста земав и дома да ги довршам, ми беше огромно задоволство. На две здолништа успеавме и горните делови да ги насликаме.. Но, можеби и ќе го направиме тоа за понатаму, па ќе ја повториме модната ревија со збогатена колекција. Немам направено модна ревија, не ми текнало за тоа во Македонија, но еве сега со децата излезе уште поубаво и поинтересно – вели наставничката.

Секогаш е позабавно кога за некој друг и со некој друг се работи, а посебно со деца, кои сè уште не се оптоварени од тешките услови на земјата, додава таа.
-Доколку им се дозволи и се мотивираат дa им се отвори фантазијата- можат да креираат бесконечно.Парите кои ги трошевме за боите и другите материјали кои беа потребни за ревијата, ги заработивме ние од Божиќниот базар кој го направивме во Гевгелија. Останаа уште, што значи сигурно ќе направиме уште нешто, а можеби и ќе го дополниме буџетот, па ќе направиме нешто уште поголемо и поинтересно!

За вакви проекти треба да се има услови за работа и разбирање од колегите, што секако во нашето училиште го има. Мене ми причинува многу големо задоволство оваа работа, ако се има воља, може да се изведуваат вистина интересни проекти за што е потребна и добра организација, но мене тоа од мала ми оди. Кога правиме нешто убаво, придонесуваме за доброто на сите. Работа направена со љубов, не може да не даде одлични резултати – вели Анамарија.

Таа потсетува дека главен проблем е кога наставниците губат ентузијазам за такви крупни проекти.
-. Ако сакаме да се движиме кон повисоки стандарди, тоа и треба да биде платено.
Нека се инвестира повеќе во образованието, нека се даде повеќе слобода во програмата, секако со добро и професионално осмислена концепција, нека се врати почитта кон наставниците, па тогаш ќе ги видиме резултатите и колку воља ќе имаат наставниците за иновативни пристапи, а и децата ќе бидат посреќни и посигурни за иднината!- категорична е Анамарија Митриќеска-Кал’чева.

Сподели