Втората изведба на форум театарската претстава насловена „Образованието е (при)сила – образованието е (не)моќ“ ќе биде изведена утре во 17.30 часот во киното „Милениум“ во Скопје. Група професори ќе прикажат како изгледа мобингот во училиштата, социјалното исклучување, злоупотребата на службената положба, партизацијата и партиските привилегии.
Форум театарот/театарот на угнетените е креативна форма на партиципативен театар кој создава можности за дискусија на теми што може да се карактеризираат како емоционално набиени и дава простор за креативно решавање и поинакво видување на проблемите. Темите што се разработуваат се од реалниот живот и пракса и се претставени преку куси етиди/пиеси по кои следува интеракција со публиката. На претстојниот форум тетатар ќе бидат прикажани две куси етиди. Групата професор(к)и од 9 средни училишта ја идентификуваа партизацијата во образованието како еден од клучните проблеми со кои тие се соочуваат на своите работни места. Базирано на овој и други проблеми, тие ќе прикажат сцени каде што ситуациите на пониженост/угнетеност се јасно видливи.
Форум театарската техника овозможува гласно говорење за чувствителните теми кои сите нè засегаат, но и активно учество во креирањето различни решенија. Сцената ќе биде нашето огледало во кое секој/а ќе се пронајде себе си и својата општествена улога.
На настанот се поканети и потврдија свое учество претставници од повеќе училишта од Македонија, политички партии, синдикални организации, државни институции и невладини организации.





