Објавен 90. број на списанието за уметност СУМ

Триесет години списание за уметност – СУМ, како што во една прилика рече академик Гане Тодоровски, значи триесет години војникување во културниот простор. Триесет години СУМ, значи, око да не склопиш пред домашната и светската книжевна, театарска, ликовна и музичка стварност, вели драматургот Трајче Кацаров, по повод објавувањето на 90. број на списанието за уметност СУМ. Главен и одговорен уредник на списанието е писателот Трајче Кацаров, а јубилејниот број го уредуваат Мишел Павловски и Александар Прокопиев. Излегувањето на списанието е поддржано од Министерството за култура, а го издава Центарот за културна иницијатива – Штип.

Истовремено се навршуваат и 30 години од првиот број на СУМ, кој бил посветен на Ацо Шопов.

–Триесет години, триесет по три пати поклон пред делата на врвните мајстори на трајните вредности. Триесет години да го слушаш гласот на демијурзите, кои и за грешките говорат дека се нивни, е огромна одговорност. За сите овие години сакал – не сакал, бев одговорен и за дното и за апогејот на СУМ. Да се живи и здрави сите оние кои му инјектираа и оние кои сѐ уште му инјектираат кислород во дишните патишта на списанието, кое го носи името СУМ, не оти е акроним на Списание за уметност, туку од последното зборче на сентенцата Cogito, ergo sum, значи постојам. Кога своевремено го прашав академик Гане Тодоровски, ќе сака ли да каже нешто за списанието СУМ, кратко и јасно рече: Бев СУМ, СУМ и ќе СУМ – открива Кацаров.

Тематскиот фокус на јубилејниот 90-ти број на СУМ е ставен на националната драма и потребата од неа.

Сподели