Ново исчитување на режисерот Синиша Евтимов на култната „Болва в уво“ премиерно во Драмски

Претставата „Болва в уво“ од Жорж Фејдо, во режија на Синиша Евтимов, ќе биде премиерно изведена вечерва во 20 часот на сцената на Драмскиот театар во Скопје. Текстот напишан во 1907 година, во Драмски последен пат бил поставен во 1970-тите години и доживеал 456 изведби.

– Предизвикот беше дотолку поголем, што култната претстава во Драмски сум ја гледал како ученик во основно училиште и сега по 30 години професионално работење како режисер, едноставно уживав во работата во жанрот, да направам ново исчитување на текстот, а притоа да ја задржам ‘равенката’ што ја поставил Фејдо. Новото читање и адаптацијата подразбира универзален јазик и хумор што координира со реалноста и актуелното време и ги поврзува универзумите што често го користам на сцена. Најголемото технолошко достигнување во претставата е телефон со жица – појасни Евтимов, на прес-конференција.

Во претставата играат: Дениз Абдула, Ања Митиќ, Марјан Наумов, Лазар Христов, Игор Стојчевски, Стефан Вујисиќ, Нина Елзесер, Владимир Петровиќ, Рубенс Муратовски, Катерина Шехтанска, Томислав Давидовски, Јована Спасиќ, Петар Стојковиќ (к.г.) и Ивана Павлаковиќ.

Актерската екипа во претставата, во најголем дел ја сочинуваат актери од најмладата генерација на ансамблот на Драмски и тие едногласно го изразија задоволството што работат со режисерот Евтимов кој за време на процесот на подготвување на претставата со мали насоки им ја дал целосна слобода во креирањето на ликовите.

Актерот Стефан Вујисиќ таа поддршка и слобода дадена од страна на режисерот ја опиша како „танцување низ процесот“
што им помогнала со вонредна леснотија да ја подготват претставата за само 36 работни дена и покрај фактот што станува збор за исклучително динамична претстава со многу влегувања и излегувања на сцената.

Во уметничкиот дел од тимот на претставата работеа Мартин Манев, сценограф и костимографот Раде Василев. Инспициент е Жарко Намичев, а суфлер е Милка Анчевска.

Претставата „Болва в уво“ е петтата премиера планирана за оваа година со што во целост се реализираше Годишната програма на театарот одобрена од Министерството за култура и туризам. Претставата по распродадените три претстави во декември е на редовниот репертоар на театарот на 24 јануари 2026 година.

Сподели