Нови директори на Националниот конзерваторски центар и на Струшките вечери на поезијата

Две институции добија нови директори. За директор на Националниот конзерваторски центар е назначен Александар Јорданоски, а за в.д. директор на Струшките вечери на поезијата е назначен Никола Кукунеш. Јорданоски доаѓа од позицијата помошник-раководител на Секторот за заштита на културното наследство во Министерството за култура и туризам. Тој својата кариера ја почнува во 2002 година во тогашниот Републички завод за заштита на спомениците на културата, кој во 2004 беше трансформиран во Национален конзерваторски центар и во Управа за заштита на културното наследство. Јорданоски преминал во УЗКН каде останал со останал до 2012 година, од каде што е преземен во тогаш Министерството за култура како раководител на Одделението за музејска дејност и заштита на нематеријалното културно наследство.

Никола Кукунеш (1974, Струга) дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на катедрата за македонска книжевност и култура. Тој е назначен од редот на вработените во поетскиот фестивал и советник во Советот на Општина Струга. Има долгогодишно работно искуство како професор по македонски јазик, рецензент и преведувач. Посветен е на граѓански активизам.

Сподели