Нова музика од подножјето на Пелистер: Концерт на „Трето колено“ во Скопје

„Трето колено“ е состав од искусни музичари – Дејан Петровиќ-Чапс, вокал и гитара, Дејан Марковски-Деки, вокал и гитара и Пеце Трајковски-Брада, перкусии и хармоника. Тие ќе изведат 20 композиции, а публиката ќе има несекојдневна можност да проследи една поинаква концертна сценографија

Нова авторска музика од тројца уметници кои се препознале како сродни души и се обединиле во групата „Трето колено“ ќе биде изведена задутревечер (3 април) во 21 часот, на концертот што ќе се одржи во Јавна соба (Public Room). Создадена во подножјето на Пелистер, нивната музика носи свежина и нуди поинаков инструментално-вокален каледиоскоп од фузијата на будните соништа на искусните Дејан Петровиќ-Чапс, вокал и гитара, Дејан Марковски-Деки, вокал и гитара и Пеце Трајковски-Брада, перкусии и хармоника.

– Во геометријата на битието, под сенката на Пелистер, во дом над облаците, три сродни набљудувачи на животот, ги здружија своите искуства во совршениот круг на сонот, каде се отсликани трите точки на времето: минатото, сегашноста и иднината. Дистописките рефрени на Чапе, сонливиот надреализам на Деки и политактниот погон на Брадата, ткаат современа смисла, како сенки на реалноста што раскажуваат во полумрак – велат од „Трето колено“.

Тие ќе изведат 20 композиции, а публиката ќе има несекојдневна можност да проследи една поинаква концертна сценографија и да ги чита стиховите од бината и заедно со бендот да се нурне во оваа нова музичка приказна.

Дејан Петровиќ-Чапс

Дејан Петровиќ-Чапс (Битола, Македонија, 1986) дипломирал историја во Скопје (2011) и дипломирал дизајнер на звук за визуелни медиуми во Ванкувер, Канада (2015). Работи како фриленс продуцент на амбиентална и медитативна музика, аудио за филм, видеоигри, едукативни апликации, реклами, корпоративни видеа, монтажа и продукција на аудио книги и поткаст серии. Основач е на мултимедијалниот состав Sweet Rapscallions и арт колективот „Колегиум“ од Битола што го организира годишниот фестивал за аудиовизуелни уметности и литература – „300 работи, Триста“ – и проектот „Live литературен перформанс“ (2012-2014).

Креатор е и водител на радио емисијата „Сина позадина“, емитувана на УКЛО ФМ 90,8 Битола (2018-2020). Членувал во локални музички состави од кои се истакнува бендот „Промашена инвестиција“ (2003-2016), настапил на разни фестивали – „Рок Фест“, „Таксират“, „Битола Отворен Град“, „Битфест“, „Feelmotion“, „Д Фест“, „Пин Конференција“, „Акто“ и други. Автор на кратки текстови објавени во едицијата „Колегиумски Записник“ и автор на многубројни неконвенционални литературни дела на социјалните мрежи и интернет порталите.

Дејан Марковски

Битолчанецот Дејан Марковски е музички изведувач и автор околу 15 години. Членувал во неколку кавер-бендови, има неколкугодишно искуство со барски свирки. Член е и на два авторски проекти: Кuli – амбиентално-мелодичен состав, со два одржани концерти во рамките на битфест и Nine Weeks – мешавина од блуз, фанк и рок-музика. Моментално работи на соло проект „Дејание“ кој засега резултира со неколку студиски снимки, а ќе прерасне во албум кој ги избегнува можните жанровски рамки. Со овој проект е одржан еден официјален концертен настап во рамките на Градич фест во Нови Сад, Србија и неколку приватни (неофицијални) концерти во земјава и надвор. Во меѓувреме патувал и уличен изведувач низ земјите во Европа, последните 4 години.

Пеце Трајковски

Пеце Трајковски (1981, Битола) е музичар, член и коавтор на групите „Фолтин“ и „Пијан Славеј“. Композитор е на театарска и филмска музика. Идеен творец, претседател на Управен одбор и програмски раководител/организатор на Манифестација „Смилевски конгрес“ и нејзините оф програмски активности, како Kooperacija Sessions и сл. Студирал на ФТУ Охрид и Џез одделот при музичката академија во Штип. Зад себе има 11 студиски албуми, авторска музика и сценско учество во над 30 театарски претстави во земјава и странство, авторска музика и актерско учество во 13 филмови (вклучувајќи ја и музиката за „Медена земја“, номиниран во две категории на 92. Оскари и добитник на три награди „Санденс 2019“), како и меѓународно признатиот „Исцелител“.

Сподели