Нов број на „(е)Лит“ на здружението „Креативна верига“

Здружението за поттикнување на развојот на книжевноста и другите уметности „Креативна верига“, денеска го објави осмиот број од електронското списание за книжевност и друга уметност, „(е)Лит“ на нивната фејсбук-страница. Новото издание и овојпат е со препознатливите рубрики: За издаваштвото; Разгледница; Авторот и градот; Прустов прашалник; Портрет; Четка, четка, четкичка; од регионот; Совети за пишување; Стрип; уметност; филм. И овој пат, уредниците подготвија колаж од поезија и проза.

Во делот на прозата застапени се авторите: Иван Антоновски, Фросина Пармаковска, Јордан Коцевски, Билјана Мартиновска, Кирил Мираковски, а уредничкиот тим во чест и сеќавање на македонскиот раскажувач, романописец и поет, Крсте Чачански, објави и негов расказ. Со поезија се претставени поетите: Марина Мијаковска, Јовица Тасевски-Етернијан, Марио Де Роза, Славица Гаџова Свидерска, Емељ Туна, Дијана Петкова, Блаже Петрески Ендемион, Игор Крајчев, Мариета Дукиќ.

Изминатиов период, списанието „(е)Лит“ беше промовирано преку различни културни настани, како онлајн-промоција и промоција со присуство на читателска публика. Главна мисија на списанието е афирмација на македонските уметници од секоја сфера, со акцент на книжевноста, но секако се дава простор и на сите други уметности.

Со осмиот број на електронското списание, кое воедно се објавува три пати во текот на една година, здружението „Креативна верига“ успешно ја заокружува годинава што изминува. Издавањето на списанието е поддржано од Министерството за култура.

Сподели