Скромните луѓе се тивки, срамежливи, не сакаат многу да зборуваат за себе, руменеат кога друг ќе ги пофали. Кога таква личност е уметник, создава музика и добива можност да ја пренесе сета своја емоција пред публика, тогаш може само чиста емоција да се размени. Синоќа на малата сцена на Филхармонијата сведочевме за таква чиста љубов.
Мултиталентираниот гитарист Мухамед Ибрахими, ретко скромен уметник на нашите простори, им одржа лекција на многумина негови колеги кои кога настапуваат на моменти забораваат да го остават егото зад сцена.

Ибрахими пред точно една година на истата сцена ни приреди убаво доживување и ни вети дека пак ќе се видиме. Тоа и се случи. Овојпат повторно на сцена го имаше неговиот пријател и колега со кого одлично се следеа во музицирањето, Ратко Даутовски.
Гости на концертот беа пијанистот Марковски и оперската пејачка Агни Авшар.
Новите композиции на Ибрахими изнедрени од фолклорот на Балканот, но и пошироко, пленеа со нов модерен звук.
Светски, а наш! Ниту публиката, ниту музичарите сакаа да си заминат да ја напуштат малата сала на Филхармонијата. Такво беше чувството по концертот на Ибрахими. До следното музичко доживување, ќе ни остане ноемвриската вечер за паметење.





