Изложба на фотографии на авторот Кервин Кендел Вилиамсон инспирирани од Њујорк ќе биде отворена вечерва в0 19 часот во галеријата „Рудиќ“ во Скопје. Делата на авторот се фокусираат на дихотомијата помеѓу носталгијата и воајеризмот, велат организаторите.

-Суштината на Њујорк не е само во неговите култни места, туку и во деловите кои луѓето ги нарекуваат „дома“. Можеби се работи за еден град, но неговите квартови и маала се светови за себе. Естетиката на градот е секогаш и во хармонија и во контраст со колективната перцепција на неговите жители. Секојдневните аспекти на животот во градот и на оние кои таму живеат се издигнати во духот на фотографи како Гордон Паркс, Кери Меј Вимс, Алфред Стиглиц, Волкер Еванс и Роберт Френк – велат од галеријата.
Кервин Кендел Вилиамсон е талентиран визуелен уметник од Бруклин, Њујорк, со самостојни и групни изложби во Њујорк, Скопје, Битола. Негови дела биле објавувани во САД, Македонија и Шпанија.





