Ништо така не спојува како културата – официјално отворен КИЦ во Белград

Претесен беше синоќа новоотворениот македонски КИЦ во Белград да ги прими сите оние кои посакаа да присуствуваат на свеченото отворање на ул. Македонска 30. Пред бројна публика од академската, уметничката и културна средина на Белград, претставници на македонската заедница во Србија и дипломатскиот кор, поздравни обраќања имаа директорот на македонскиот КИЦ Васко Шутаров, амбасадорот во Србија Никола Тупанчески, министрите за култура Зоран Љутков и Никола Селаковиќ и потпретседателот на македонската влада, Иван Стоилковиќ.

Долги и френетични аплаузи добија Зарина Првасевда и Васил Хаџиманов за модерните аранжмани и интерпретација на стари македонски песни, но и на безвремениот хит на Зафир Хаџиманов „Од љубов не се бега”.
„Ништо така не спојува како културата”, тоа беше мотото кое директорот на КИЦ Белград Васко Шутаров го потенцираше како мисија која оваа наша културна институција во странство треба да ја има во програмите и проектите во иднина, за уште поголемо зближување на двете соседски и блиски култури.

Зоран Љутков и Васко Шутаров

„Ајде, слушаш слушај..“ беше насловена пригодната програма за отворањето на новиот дом на македонската култура, јазик, уметност и традиција, во главниот град на Србија.

Во поздравното обраќање министерот Зоран Љутков истакна  дека отворањето на центарот испишува нова страница во соработката во културата меѓу двете држави.

 „Да се отвори македонски културен центар овде во Белград, токму на улица која го носи името „Македонска“, не е само случајност, ова е и порака и сведоштво дека културата ги поврзува не само државите, туку и луѓето. Овој центар отвора нова страница во соработката меѓу двете држави, страница испишана со доверба, заеднички вредности и искрена волја за културна размена“, рече Љутков.

Тој додаде дека центарот ќе биде место за нови пријателства и заеднички иницијативи за сите кои сакаат да ја запознаат македонската култура.

Љутков (десно) со својот српски колега Иван Селаковиќ

„Знам дека нашата музика, театарска уметност и традиционални вредности имаат посебно место во срцата на српскиот народ и ова вечерва е уште една потврда за тоа. Во исто време, овој центар ќе биде и духовен дом за македонската заедница што живее и создава во Србија – место каде што ќе се негува сопствениот идентитет, но и ќе се отвораат врати за нови пријателства и заеднички иницијативи, како и за сите пријатели што сакаат да ја запознаат душата на македонскиот народ“, рече ресорниот министер.

Сподели