Никола Ристановски награден за улогата во „Меѓу боговите“, македонската копродукција „Бумбаровото лето“ – најдобар филм за публиката во Пула

Хрватско-македонскиот филм „Бумбаровото лето“ во режија на Даниел Кушан ја освои наградата за најдобар филм од публиката на 72. Филмски фестивал во Пула. Филмот e хрватско-семејна авантура. Наградата се вика „Златна врата на Пула“, а ја подигна продуцнтот Бојан Кањера од продукцијата „Интерфилм“. Македонски продуцент на филмот е „Круг филм“.

Актерот Никола Ристановски е награден за споредна машка улога во хрватска малцинска копродукција, за улогата на Никола во филмот „Меѓу боговите“ на режисерот Вук Ршумовиќ. Ристановски во филмот зборува на фарски јазик, а македонската публика ќе има можност да го види на фестивалот „Преку езерото“ во Дојран (7 до 15 август).

Долгометражниот игран филм за деца ја имаше својата премиера токму на овој фестивал. Во продукцијата учествуваше и македонска авторска екипа, составена од: Алисија Ферро – скриптерка, Симона Ристевска – авторка на маска, Ѓорѓи Стојчески – асистент на маска и Дејан Крајчевски – продуцент.

Филмот „Бумбаровото лето“ претставува значаен пример за успешна регионална соработка и вложување во квалитетна детска кинематографија, велат од Агенцијата за филм.

Сподели