Ник Кејв пристигна. Скопје подготвено за катарза

Музичкиот новинар Ненад Георгиевски е еден од вљубениците во музиката на Ник Кејв – тој е еден од најзначајните и највлијателни музички автори во последните четири децении, вели Георгиевски

Скопје вечерва очекува магија, длабок музички перформанс на еден од највлијателните музичари на денешницата, Ник Кејв. Тој и Колин Гринвуд вчера попладне пристигнаа во Скопје. Синоќа беа распродадени сите фан пит влезници, соопштија организаторите, „Авалон продукција“. Концертот ќе се одржи на Стадионот на АРМ во 20 часот и е дел од неговата соло европска турнеја, а се одржува во рамките на фестивалот „Скопје колинг“.

Бобан Милошески, сопственик на „Авалон“, рече дека ова е втор од трите концерти што сонувал да ги донесе во Скопје, на тројцата музички херои што ги почитува. Боб Дилан во 2010 сè уште се смета за историски настан во Скопје.
– Брус Спрингстин, за жал, останува недостижен – речле Милошески на прес-конференција.

Музичкиот новинар Ненад Георгиевски е еден од вљубениците во музиката на Ник Кејв.

– Тој е еден од најзначајните и највлијателни музички автори во последните четири децении. Неговото доаѓање во Скопје е голем културен настан, затоа што отвора простор за македонската публика да доживее уметник кој успева да спои поезија, музика и интензитет во нешто што е подеднакво интимно и катарзично. Тој е уметник кој остава длабок печат кај секој што ќе го доживее во живо – вели Георгиевски.

Тој очекува концерт со огромна емотивна сила и драматургија.

– Настапите на Ник Кејв се секогаш повеќе од концерт – тие се искуство што допира до најдлабоките слоеви на човековата душа. Верувам дека ќе биде еден од оние настани за кои долго ќе се зборува кај нас – вели тој.

Ова ќе биде петти концерт на Ник Кејв што ќе ги проследи во живо. Последен пат го гледал лани ова време во Амстердам на неговата Wild God турнеја.

– Настапот беше од највисок калибар – комбинација од емоционална и динамична ширина, со моменти на тишина и експлозивна енергија. Беше како театарска претстава исполнета со катарза. Ако нешто слично се пренесе и во Скопје, тогаш навистина нè очекува незаборавна вечер – вели Георгиевски.

Македонската публика може да го запознае Ник Кејв и преку страниците на книгата „Вера, надеж и крвопролевање“ што ја раскажува неговата животна приказна низ дијалози со новинарот Шон О’Хеган. Книгата е издание на „Артконект“.

Кејв ќе настапи самостојно на сцената, а ќе го придружува само басистот на „Рејдиохед“, Колин Гринвуд. Бидејќи концертот е поинтимен, скоро сите концерти од оваа турнеја се во затворена сала, со седење.

– Немавме соодветна сала, дојдоа, го видоа просторот и рекоа дека на Кејв повеќе ќе му се допадне отворен амбиент, со стоење. За останатите нешта организацијата мораше да биде на највисоко ниво – звук, светло, бината вечерва ќе бидат исти како во Лондон, Париз и Њујорк – рече Милошески.

Влезниците се во продажба онлајн на avalonbooking.mk и на karti.com.mk.

Сподели