Ние создаваме на македонски јазик, нашиот јазик не е дијалект – се огласи ДПМ

Наша основна алатка е јазикот и тој за нас, како што со право и убаво истакнуваше и нашиот претходник, учител и родоначалник Блаже Конески – е нашата татковина! Ние сме Македонци, наш мајчин и татков јазик е македонскиот и ние нема потреба никому да докажуваме дека сме Македонци и дека нашиот јазик е македонскиот. Македонскиот јазик има дијалекти, но нашиот македонски јазик не е никаков и ничиј дијалект, соопшти Друштвото на писатели на Македонија.

Во нивното соопштение до јавноста тие посочуваат дека „како и досега, и во иднина, членовите на Друштвото на писателите на Македонија, ќе создаваме литературно творештво и ќе се трудиме тоа да биде со високи естетски и културолошки вредности“.

– Македонскиот писател и македонската книга се и ќе бидат и во иднина во центарот на вниманието на активностите, заложбите и проектите на ДПМ. Притоа, посебно треба да се залагаме за читањето на македонските автори и дела, зашто непрочитаните книги исто како и да не се објавени. Македонските писатели се единствени во грижата и одбраната на македонскиот јазик и македонското книжевно творештво, кое се создава во државава, но и на Балканот, Европа и светот. Македонскиот јазик е еден и единствен и македонските писатели создаваат токму на тој јазик. Тоа е јазикот на нашите татковци и мајки, предци и наследници, а нашите литературни дела се значајни и вредни – токму затоа што се создадени на тој наш, роден, изворен, матичен и единствен јазик – велат од ДПМ и додаваат дека нивните творби и дела „се траен влог, сведоштво и доказ за минатото, сегашноста и иднината.“

Сподели