Пред преполната сала во Центарот за култура во Битола, каде што синоќа ја започна концертната промоција на новиот албум New Era, Мицевски со повеќе од 40 врвни македонски музичари и хористи од „Арс Нова“ на диригентката Марина Коруновска, приреди незаборавен концерт претставувајќи го својот нов албум.
Никола Мицевски на публиката ѝ е познат по одличните соработки со најдобрите пејачи и бендови, како и во музички соработки во кои тој секогаш имал храброст да експериментира.

– Направив еден убав музички круг во последните години и New Era дојде како најубав продукт во кој го збогатив својот израз, додадов некои нови музички димензии, подигнав стандарди и секогаш нова силна позитивна енергија. Концертот е успешен по тоа како реагирала публиката и дали си заминува по неговото завршување со убави емоции. Јас знам дека успеав во двете нешта и тоа ме прави многу среќен. Благодарам Битола, од срце следно закажувам средба со скопската публика на голем концерт во Скопје во МОБ, така што ова е сјаен почеток – истакна Никола Мицевски по концертот.

Публиката не одолеа на музичките идеи на Мицевски за мешавина на македонските традиционални народни ритми и мелодиите со Западот, преточени преку модерните музички стилови на џез, фанк и музика од светот како посебен жанр. Со неговиот пристап кон македонската современа музика, која може слободно да парира на светските изданија од крајот на 20 и почетокот на новиот милениум, само потврдува дека е една поврзувачка карика на македонскиот со светскиот звук, токму заради таа фузија и внесување на новини во користењето на македонските и балканските мотиви на непосреден и искрен начин, надвор од клишеата кои се калемеле музички на овие простори.

Проектот New Era претставува симбиоза на различни жанрови, едно филмско начело фузирано со етно, рок и електро основи во служба на пијаното и солистички инструменти.





